За само 11 дена, Вардар повторно успеа да го победи тимот на Еурофарм Пелистер, овој пат на натпревар во Супер Лигата. Црвено-црните одиграа добар натпревар и победија со резултат 30:25.
Вардар одигра одлично прво полувреме, во кое се стекна со предност од 15:12. По 12.минути игра, црвено-црните имаа предност од 6:1, беше и 8:3, за екипата на Еурофарм Пелистер во продолжение од натпреварот да ја смали нашата разлика. Томовски беше одличен на голот со 8 одбрани, од кои 3 беа од ударите од седум метри. Со голот на Петриќ имавме предност од 14:11, додека во последниот напад погоди Јасухира за на полувреме да заминеме со водство од 15:12. Милан Лазаревски беше наш најефикасен ракометар со 4 постигнати голови, додека Кусоке Јасухира и Стефан Петриќ имаа по 3 погодоци.
Второто полувреме започна со погодок на Јагуриновски со кој го зголемивме водството на 16:12. Томовски стигна до својата деветта одбрана, додека Лазаревски со својот петти гол ни донесе предност од 17:12. Вардарци продолжија со добрата игра и по 36 минути играа имаа највисоки шест гола предност (19:13), откако од крило погоди Срдановиќ, а Томовски одбрани зицер на противникот. Томовски брани нов седмерец, вкупно четврти на овој дерби натпревар, а 12 одбрана зад неговото име. Пелистер успеа да сврзе неколку гола во серија и да намали на 21:18, што беше знак за Стоилов да побара минута одмор. На помалку од девет минути игра, Вардар имаше предност од три гола разлика. Вардар го имаше и расположениот Николиќ кој го „решеташе“ голот на Пелистер, ние имавме и 28:23 на четири минути пред крајот. Томовски стигна и до 13 одбрани, а во салата ечеше вардаровата песна. Вардар слави голема победа со резултат 30:25.
Најефикасни кај Вардар беа Лазаревски и Срдановиќ со по 6 голови, Томовски одбрани 14 топки, 4 беа седмерци.