Во еден неизвесен натпревар, Вардар го доби дербито во рамките на 15 коло од СЕХА-лигата. Црвено-црните триумфираа минимално со резултат 24:25.
Домашниот тим во текот на целото прво полувреме имаше предност, која во неколку наврати достигна до три гола разлика. Со головите на Бичаниќ и Мраковчиќ, ППД Загреб го отвори мечот со водство од 3:0, за црвено-црните својот прв гол да го постигнат во 6 минута преку Дибиров. Избраниците на Сарачевиќ го диктираа темпото на игра, а Вардар постојано “бркаше“ негатива. Противникот имаше и предност од 6:3, 8:5 и 9:6, но нашиот шампион беше упорен и како се ближеше првото полувреме се доближуваше резултатски. Со два гола во серија, од кои еден на Марсениќ и Македа, успеваме за прв пат на натпреварот да израмниме на 11:11 на две минути пред крајот на првиот дел. Противничкиот тренер побара минута одмор, кој неговиот тим добро го искористи за да постине два гола и на одмор да замине со водство од 13:11. На нашиот гол беше Страхиња Милиќ, кој во првите 30 минути имаше 6 одбрани.
Второто полувреме започна со гол на Загреб за водство од 14:11, за Вардар да постигне три гола во серија и да го израмни резултатот на 14:14. Во следните десет минути гледавме израмнет натпревар, со гол за гол на двете страни. Нашиот состав успева да стигне за прв пат на натпреварот до водство, откако погоди Дибиров за 19:20. Милиќ на нашиот гол веќе имаше двоцифрен број на одбранети удари. Поведовме и со 20:22 со голот на Карачиќ, но Загреб набрзина постигна два гола и го израмни резултатот на 22:22. Врати Фереира за нова предност, а Кристопанс пропуши можност да погоди и да се одлепиме на два гола, на три минути пред крајот, вака остана неизвесноста околу победникот. Во неизвесен финиш, Карачќ погоди за водство на Вардар од 24:25, додека за Загреб останаа 15 секунди за напад, кои не успеаа да го реализираат, односно Милиќ го одбрани ударот. На крајот победа за нашиот состав, со резултат 24:25.
Дибиров и Циндриќ постигнаа по 5 голови, додека Милиќ имаше 12 одбрани.