Tuesday ,23 April 2024
Последни:
Home > ЖРК Вардар > Втор тим > Вардар Јуниор и Металург ги поделија бодовите, во дербито на женската ракометна лига
Вардар Јуниор и Металург ги поделија бодовите, во дербито на женската ракометна лига

Вардар Јуниор и Металург ги поделија бодовите, во дербито на женската ракометна лига

Викендов на С.Р.Ц. Кале се одигра дербито во женската лига, помеѓу екипите на Вардар Јуниор и Металург, натпревар кој заврши со нерешен резултат и со кој беше означен почетокот на пролетниот дел од сезоната.

На натпревар со мал број на постигнати голови, двете екипи имаа свои шанси за победа, но на крајот се случи поделба на бодовите. Во најголем дел од првото полувреме се играше гол за гол на двете страни, а Вардар Јуниор беше тимот кој прв поведе со два гола разлика (7:5). Имавме во уште два наврати предност од два гола разлика ( 8:6 и 10:8), но на одмор се замина со резултат од 10:9.

Избраничките на Симе Симовски на стартот од вториот дел постигнаа два гола и поведоа со највисоки три голови разлика (12:9). Гледавме цврста и борбена игра на теренот. Младите вардарки во текот на целото второ полувреме имаа предност која се движеше од 1-2 гола разлика, последната беше при резултат 22:20, кога му дозволија на тимот од автокоманда да го израмни резултатот на 22:22. Металург дури имаше и напад за предност, но не успеа да го искористи. На крајот конечен резултат од 22:22 и поделба на бодовите, во дербито на женската лига.

Кај Вардар Јуниор се истакнаа бековите, Ива Божиноска која постигна 6 и Сашка Филипоска со 4 голови. Тренерот Симовски на овој дуел шанса за настап им даде на ракометарки кои играат за кадетките и младинките на Вардар, се работи за Марија Глаевска, Ангела Костовиќ и Мирјана Петковска, а дебитираше и новото засилување, Марија Николовска која стигна од екипата на Ѓорче Петров.

Вардар Јуниор: Илиќ, М.Николовска. А.Николовска 3, Карчева, Стефановска, Кицевска, Вељановска, Петковска, Галевска 2, Трпевска 3, Костовиќ, Диневска, Божиноска 6, Филипоска 4, Иванова 1, Николиќ 3.