Одлична можност за Европскиот шампион да се зацврсти на врвот на табелата во најсилната група А, каде вечерва со почеток од 20 часот гостува на екипата на ППД Загреб. Директен пренос од натпреварот можете да проследите на МРТ-1.
Ова ќе биде нивни трет меѓусебен натпревар оваа сезона, откако претходно во два наврати успеавме убедливо да го совладаме шампионот на Хрватска. Најпрво во рамките на третото коло од групата во ЛШ, црвено-црните трумфираа со резултат 28:21, додека две недели подоцна славевме и на меч од петтото коло во СЕХА-лигата, исто така со седум гола разлика (30:23) и повторно во С.Ц. Јане Сандански. Ова ќе биде прв пат сезонава да играме на теренот во Загреб, каде противникот знае да биде многу незгоден и каде е многу тешко да се освојат бодови. Интересно екипата која ја предводи Касим Каменица има само два освоен бодови и тоа со нерешени резултати, со идентичен резултат (28:28) на гостувањето кај Кристијанштад и на домашен терен против Висла Плок. Загреб е во незавидна ситуација и “очајно“ му се потребни бодови за искачување на шесттата позиција, која носи пласман во осминафиналната елиминациска рунда од најголемото ракометно натпреварување. Вардар може многу да “профитира“ после одигрување на ово коло, доколку победи и без разлика на исходот од мечот Барселона- Рајн Некар може бодовно да им “побегне“ на своите најголеми конкуренти за освојување на првото место на табелата, по завршување на групната фаза. Сигурно дека со триумф на следниве два натпревари, вечерва против Загреб и оној на домашен терен за седум дена подоцна против Рајн Некар се пореални ќе бидат шансите да завршиме на позицијата каде бевме и минатата сезона по одигрување на сите мечеви од најсилната група.
Интересно е што во слична ситуација бевме и минатата натпреварувачка сезона, каде Вардар имаше перфектен старт со четири победи и се очекуваше дека серијата ќе продолжи и на гостувањето во Хрватска, каде до тој дуел, Загреб немаше забележано победа. Иако во најголем дел од тој натпревар имавме постојана предност, која во еден момент изнесуваше и пет голови разлика, сепак во неизвесна завршница противникот се радуваше на минималната победа. Се надеваме дека ја научивме лекцијата од тој дуел и дека вечерва ќе играме сконцентрирано во текот на сите 60 минути. Посебно треба да се внимава на Стипе Мандалиниќ и Жарко Марковиќ кои знаат да се “распукаат’, чии удари се тешки за бранење за голманите. Сепак ние го имаме Штербик кој брани перфектно оваа сезона и потврдува дека се наоѓа во неверојатна форма. Радува и враќањето во составот на Фереира, кој го пропушти дуелот со Кристијанштад и е подготвен да му помогне на својот тим да стигне до уште една важна победа.