Thursday ,18 April 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Нема одмор за вардарци, вечерва гостување во Ниш на екипата на Железничар, во рамките на СЕХА-лигата
Нема одмор за вардарци, вечерва гостување во Ниш на екипата на Железничар, во рамките на СЕХА-лигата

Нема одмор за вардарци, вечерва гостување во Ниш на екипата на Железничар, во рамките на СЕХА-лигата

Вечерва со почеток од 20:15 часот, црвено-црните ќе го одиграат 11. коло во рамките на СЕХА-лигата во кое гостуваат во Ниш, на екипата на Железничар.

После триумфот против екипата на Металург, Вардарци се вратија на врвот на табелата во ова натпреварување, се израмнивме по бројот на освоени бодови со екипата на ППД Загреб, но Вардар поради подобрата гол разлика се наоѓа на првото место. Вечерашниот дуел ќе биде можност за составот на Парондо да стигне до деветтата победа во СЕХА-лигата против екипата која од клупата ја предводи поранешниот вардаров тренер, се работи за Веселин Вујовиќ.

Денешниот противник се наоѓа на осмото место на табелата со само 10 освоени бодови. Железничар има скор од три победи, еден нерешен резултат и шест порази. Избраниците на Вујовиќ успеаа на домашен терен да слават во дуелите со екипите на Извиѓач, Стеауа, додека на гостински терен го победија Металург, а единствениот нерешен резултат е оној против Војводина во минатото коло, кога Железничар успеа во последните секунди со удар од седум метри да го израмни резултатот и да се избори за бод.

Железничар има проблеми со составување на екипата оваа сезона, а последниот играч кој доби отказ од клубот е пикерот Јово Дамјановиќ, кој на почетокот на сезоната пристигна од екипата на ПСЖ. Негова замена ќе биде поранешен играч на Вардар, се работи за 41 годишниот Ратко Николиќ кој до крајот на годината ќе се обиде да му помогне на Железничар во остварување на подобри резултати. Кај Вардар и на овој меч ќе недостасува руското лево крило, Тимур Дибиров кој има мало истегнување на мускулот, поради што остана во Скопје да ја санира повредата, но и да одмори после напорните настапи во Лигата на Шампионите. Исто така за Ниш не отпатува ниту капитенот Стојанче Стоилов, кој доби поштеда од тренерот, Парондо. Од претходно во екипата ги нема Горбок, Фереира и Борозан, а на денешниот дуел шанса на голот се очекува од првата минута да добие Калифа Гедбан, кој не беше во составот за дуелот против Металург.

Натпреварот кој стартува од 20:15 часот можете да го проследите со пренос на МРТ и Арена Спорт 3.