Изминатиов викенд се одигра треттото коло во ракометната лига на шампиони во машка конкуренција. И по ова одиграно коло, Вардарци остануваат со максимален број на освоени бодови на второто место, со ист број на освоени бодови со екипата на Киелце.
Црвено-црните втор пат сезонава го освојуваат Целје и слават со освој противник. Домаќините имаа подобар старт на дуелот поведувајќи со 3:0. Сепак како течеше мечот почнавме да играме се подобро и да го преземаме водството. Првото полувреме заврши со нерешен резултат 15:15. Во вториот дел работите си дојдоа на свое место и како се се ближеше финишот, водството растеше во наша корист, за конечни 26:32. Марсениќ беше наш најдобар стрелец со 6 голови, додека во спротивниот табор Млакар постигна 5.
Најинтересниот натпревар се играше во Унгарија, каде актуелниот европски првак, екипата на Киелце беше подобра од домашниот тим на Пик Сегед. На натпревар со многу возбудувања, на крајот Киелце се покажа како подобар противник и ги освои двата бода. Во текот на целиот меч се играше израмнето на двете страни, по првото полувреме гостите од Полска имаа минимално водство од 15:16. Во вториот дел разликата се држеше на еден или два гола разлика, се до моментот кога Пик Сегед имаше највисоки три голови предност. Ова се случуваше во 50 минута од мечот, кога резултатот беше 27:24. Главен креатор на пресвртот беше Филип Ивиќ кој успеа да одбрани неколку зицер удари на Унгарците и да донесе комплетен резултатски пресврт. Конечниот резултат гласеше 27:29. Лијевски беше најефикасен во победничкиот тим со 6 голови, додека кај поразените Балог беше стрелец на 5 погодоци.
Брест Мешков успеа да направи мало изненадување во дуелот со Рајн-Некар и пред својата публика да го совлада шампионот на Германија. Заслужен триумф за Белорусите, кои имаа водство во текот на целиот меч и повеќе ја посакуваа победата. Добрата одбрана во првиот дел беше пресудна за стекнатата предност од пет голови разлика (17:12). Во вториот дел Рајн-Некар се обиде да го внесе мечот во неизвесна завршница, но Брест не дозволи да го испушти водството. Резултатот на овој дуел е 30:28. Стојковиќ постигна 7 голови кај Мешков, додека во редовите на бундеслигашот највеќе се истакна Екдал Де Руитц со вкупно 11 постигнати голови.
ППД Загреб не успеа ниту во третиот натпревар да освои бодови и во дуелот со екипата на Кристијанштад повотрно остана со празни раце. Избраниците на Веселин Вујовиќ беа надиграни од шампионот на Шведска, кој благодарение на 14-те одбрани на Небојша Симиќ стигнаа до својата прва победа во оваа група. По првото полувреме домашниот тим имаше три голови позитива (13:10). Голем пад во играта на Загреб во вториот дел ги чинеше на крајот висок пораз од 29:22. Кај Кристијанштад Лагергрен постигна 9 гола, додека кај гостите се истакна Мандалиниќ со 5 погодоци.
Двојки за четвртото коло се:
Вардар – Пик Сегед
ППД Загреб – Брест Мешков
Киелце – Целје
Рајн-Некар – Кристијанштад