Денес во спортската сала во населбата автокоманда се одигра дербито во супер лигата, помеѓу екипите на Металург 2 и Вардар Јуниор. Во еден неизвесен и борбен натпревар, на крајот Вардар успеа да забележи победа, минимално со резултат 22:23.
Натпреварот со гол го отвори бекот Мишевски, додека на спротивната страна врати Металург со два гола во серија и прва предност од 2:1. На голот на Вардар започна Никола Кизиќ кој веднаш стигна до две одбрани. Се играше цврст натпревар од страна на двете екипи. На Вардар големи проблеми им правеше пикерот Филип Арсеновски кој инаку е поранешен играч на црвено-црните. Често добивавме и исклучувања од две минути, токму поради направените прекршоци над овој играч. Токму Арсеновски во 12 минута му донесе на Металург за прв пат водство од два гола разлика (4:2). Стојан Петрушевски се обидуваше да ги смири своите момци и направи неколку измени од екипата која го стартуваше мечот. Тоа вроди со плод, кога Вардар направи серија од 0:4 и во 18 минута имаше предност од 4:6. Последните два гола беа дело на крилотоМартин Димов, со кој го свртевме резултатот во наша корист.
Продолжи големата борба во салата во автокоманда, двете екипи беа подготвени за цврст меч, а домашниот тим врати со два последователни голови и во 20 минута го израмни резултатот на 6:6. До крајот на првото полувреме, Металург успеа да замине со минимално водство, откако погодија во последната секунда за резултат од 9:8. Претходно резултатот го израмни Мишевски на дванаесет секунди пред крајот на првиот дел. За одбележување се двете одбрани на уште еден млад голман, Петковски Aндреј кој одбрани удар од седум метри и зицер на противникот. Кизиќ Никола повторно одличен на голот на Вардар.
Вториот дел започна со гол на Мишевски за ново израмнување на 9:9, а резултатот беше нерешен и во 35 минута кога на семафорот стоеше 11:11. Во наредниот период, црвено-црните успеваат да направат серија од 1:4 и за прв пат на дуелот да имаат највисоки три гола разлика (12:15). Најзаслужен за оваа предност беше голманот Никола Кизиќ кој одбрани неколку зицер удари на Металург. Сепак домаќинот не се предаваше и полека ја топеше негативата, која во 45 минута веќе ја немаше ,бидејќи резултатот беше израмнет на 15:15. Вардар не успеа да погоди нов удар од седум метри, кој беше четврти нереализиран од исто толку обиди. На два пати непрецизен беше Димов, додека од истово место не погодија Трпчевски и Крстевски. Затоа Иван Димитровски од тешка позиција успева да го пронајде патот кон мрежата на домаќинот и да го врати водството на Вардар (16:17) во 47 минута од мечот. Погодува и Мишевски за да се одлепиме на два гола, на десет минути пред крајот. Металург повторно ја враќа неизвесноста и носи ново израмнување на 19:19. Стефан Трпчевски постигна два последователни голови од тешка позиција, со кои го врати водството на Вардар на две минути пред крајот. Јунак беше Мишевски кој погоди на 20 секунди пред крај за предност од 22:23, додека Вардар успеа да го одбрани последниот напад на Металург и на крајот да слави победа со резултат од 22:23.
Најефикасен кај Вардар беше Марко Мишевски со 9 голови. Втор стрелец беше Дејан Кукуловски со 5 погодоци. Мартин Димов беше стрелец на 3 гола, по 2 постигнаа Стефан Трпчевски и Иван Димитровски. Еден погодок постигна и Стојменов Филип.