Thursday ,25 April 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Втор тим > Вардар Јуниор му даде отпор на Пролет, но не доволен да се изненади фаворитот
Вардар Јуниор му даде отпор на Пролет, но не доволен да се изненади фаворитот

Вардар Јуниор му даде отпор на Пролет, но не доволен да се изненади фаворитот

Денес во С.Ц. Јане Сандански натпревар во најсилната Супер лига одигра младиот состав на Вардар Јуниор, кој беше поразен од поискусниот тим на Пролет.

Гостинската екипа имаше подобар старт на дуелот, кога поведе со 0:2, а потоа и со 1:4. Сепак и покрај младоста, избраниците на Стојан Петрушевски не дозволија овој меч да биде решен уште во првото полувреме. Иако Пролет беше постојано во предност, на моменти, црвено-црните се доближуваа резултатски и му покажуваа „заби“ на противникот. Имавме периоди на добра игра кога го намалувавме резултатот на само два гола негатива и одржувавме резултатска неизвесност. При резултат 9:12, Вардар Јуниор направи мини серија од два погодоци и се доближи на само еден гол негатива (11:12). Иако Пролет повторно се одлепи на три гола разлика (11:14), момците на Петрушевски повторно беа упорни намалувајќи на 13:14. До крајот на првиот дел, противникот успеа да стигне до оние највисоки три гола разлика, па резултатот после истекот на 30 минути беше 15:18 за екипата на Пролет.

Поповски и Андоновски беа нерешлива енигма за нашата одбрана, во вториот дел Пролет започна полека да се одлепува и да стигне до предност од 20:26. Вардар Јуниор иако се обидуваше да се врати во мечот, немаше сили да се надигрува, разликата достигна и девет голови (22:31), па беше јасно кој ќе ги освои бодовите од овој меч. На крајот конечниот резултат гласеше 27:38.

Најефикасен во редовите на Вардар Јуниор беше Стефан Крстевски кој постигна 8 голови, додека еден помалку имаше Ален Ќосевски.

ВАРДАР ЈУНИОР: Гогов, Анѓеловски, Јанковски, С. Чакалиќ 2, Гашовски, Јакимовски, Димевски 2, Карапалевски 5, Х. Чакалиќ, Андоноски 1, Анѓелковски, Крстевски 8, Трајковски, Атанасовски 1, Ќосевски 7, Дука 1.