Екипаа на Вардар Јуниот не успеа да направи изненадување на натпревар од Супер-Лигата. Иако на полувреме имаше предност од еден гол, на крајот бевме убедливо поразени од екипата на Пролет 62.
Екипата на Пролет беше таа која ги псотигна првите два гола на овој натпревар, но Вардар Јуниор врати со серија од три погодоци, од кои два беа дело на Стефан Крстевски, додека еден на Стефан Чакалиќ, за наша предност од 3:2. Избраниците на Петрушевски имаа водство и од 54, со нов гол на Крстевски, но гостинскиот тим успеа да направи серија од 0:3 и да поведе со 5:7 во 14 минута од мечот,по што следеше тајмаут за тренерот на Вардар Јуниор. Советите на Петрушевски вродија со плод, во следните пет минути, црвено-црните направија серија од 4:0, од кои два гола беа дело на пикерот Атанасовски, по еден на Крстевски и Димов, за прв пат на овој дуел да стигнеме до два гола позитива (9:7) во 19 минута. На нашиот гол одличен беше и Андреј Петковски кој имаше неколку одлични одбрани. Следеше период кога судиската двојка на овој меч, ни исклучи тројца играчи, по што во нападот игравме само со тројца ракометари, тоа го искористија гостите кои направија серија и го израмнија резултатот на 10:10. Предноста ја врати Крстевски, а нова одбрана забележа и Петковски. Повторно ги имавме оние два гола позитива, додека на полувреме Вардар Јуниор замина со минимално водство од 13:12.
Мартин Ддимов беше играчот кој на стартот од вториот дел, откако црвено-црните пресекоа топка, организираа контра-напад, која во погодок ја претвори Димов за 14:12. Следи лош период во нашата игра, Пролет постигна четири гола во серија и поведе со 14:16, додека вториот гол во овој дел од мечот повторно беше за Димов, кој намали на 15:16. Веќе во следниот напад, со нов гол од седум метри на Крстевски израмнуваме на 16: 16 во 38 минута од мечот. Нов пад во нашата игра, не успеавме да реализираме два седмереци, тоа Пролет успева да го казни и со серија од четири погодоци да зголеми на највисоки 16:20.
На голот застана Јоаким Анѓелковски кој го замени Петковски, за одбележување е негова двојна одбрана, но неговите соиграчи прават грешка, а гостинот казнува за веќе предност од 16:21 во 44 минута од дуелот. Вардар Јуниор цели десет минути беше без гол, додека серијата на противникот продолжи, веќе од 0:8 за предност од 16:24, а нашиот состав ја прекина лошата серија и постигна гол преку Крстевски за намалување на резултатот. Немаше неизвесност до крајот, во вториот дел Вардар Јуниор постигна само 8 голови, што беше пресудно за високиот пораз од 21:32.
Стефан Крстевски беше најефикасен со 7 голови, додека по 3 постигнаа Мартин Димов и Стефан Атанасовски.