Вечерва во спортскиот центар Јане Сандански продолжуваат натпреварите од Лигата на Шампионите. Вардар ќе го одигра својот четврти натпревар во најголемото ракометно натпреварување. Во Скопје ќе гостува екипата на Киелце.
Двете екипи добро се познаваат, со оглед дека имаат одиграно десет меѓусебни дуели во ЛШ, Киелце има подобар скор од шест победи, Вардар има три, додека еден нивни дуел завршил со нерешен резултат.
Киелце е лицер во групата, на шест одиграни натпревар има освоено 9 бодови, или само еден пораз сезонава за избраниците на Талат Душебаев. Единствениот пораз беше во рамките на првото коло кога загубија на гостувањето кај екипата на Фленсбург, додека во наредните натпревари остварија четири победи и еден нерешен резултат.
Најголемата опасност по нашиот гол ќе доаѓа од поранешните вардарци, кои во моментов се и најдобри стрелци во составот на Киелце. Се работи за Игор Карачиќ кој е најефикасен кај Киелце со 32 постигнати голови и за Алекс Душебаев кој има постигнато 24.
Иако се работи за 7.коло, Вардар има одиграно само три натпревари на кои оствари по една победа, нерешен резултат и пораз. Тренерот Алушовски за вечерашниот дуел ќе може да смета на сите играчи. Црвено-црните немаат многу натпревари оваа сезона, па како и што истакнаа самите играчи во пресрет на овој дуел, не знаат во каква форма се наоѓа тимот. Сепак за Вардар секогаш императив е победа, без разлика на околностите.
Натпреварите со Киелце секогаш носат возбудувања, многу голови, пресврти и ракометна класика. Штета што нема да има навивачи во арената, тие секогаш даваат посебен „шмек“ на натпреварите кои ги игра Вардар во С.Ц. Јане Сандански.
Натпреварот стартува од 18:45 часот. Директен пренос можете да проследите на МТВ и Арена Спорт 2.