Tuesday ,12 November 2024
Последни:
Home > Slider > Да се промени историјата, Вардар оди на прва победа во Киелце
Да се промени историјата, Вардар оди на прва победа во Киелце

Да се промени историјата, Вардар оди на прва победа во Киелце

Нов викенд и ново ракометно уживање, но овој пат пред малите екрани. Црвено-црните се наоѓаат во Полска, каде попладнево ќе го одиграат натпреварот од 5.коло во рамките на најсилната група А од Лигата на Шампионите.

Вардарци после четири одиграни кола имаат исто толку победи и се единствените со максимален број на освоени бодови во групата, додека Киелце се наоѓа во серија од три последователни победи, откако го загуби првиот дуел на стартот од сезоната, кога беше поразен на гостувањето кај Веспрем. Вардар на денешниот дуел ќе се соочи и со двајцата свои поранешни играчи, Алекс Душебаев и Лука Циндриќ кои успеаа со Вардар да ја освојат Европската титула пред две сезони. Токму од нив ќе доаѓа и најголемата опасност кон нашиот гол на денешниот натпревар. Душебаев не само што е најдобар стрелец во редовите на полскиот шампион, десниот бек ја предводи и листата на најдобри стрелци во Лигата на Шампионите со 29 постигнати голови. Лука Циндриќ пак го пропушти стартниот меч во ЛШ, но на следните три натпревари на кои неговиот тим забележа победи даде значителен придонес со своите погодоци и асистенции. Потенцијална опасност се и полските репрезентативци, Јилевски и Јурецки, а токму овој последниов знае да игра и доста грубо во одбраната. Се работи за силен противник составен од квалитетни играчи на секоја позиција. За денешниот меч, противничкиот тренер нема да биде во можност да смета на услугите на Јуркиевич, Кулеш и Бис, како и на Мамиќ кој внесе дополнителен проблем во пресрет на овој натпревар. Вардар нема забележано победа на теренот на Киелце, па еве шанса за такво нешто. Во пресрет на овој меч, Вардар и Киелце имаат одиграно шест меѓусебни натревари, од кои четири му припаднале на Киелце, додека Вардар има два триумфи и тоа пред својата публика.

Ова се сите меѓусебни дуели на Вардар и Киелце во Лигата на Шампионите:

Вардар – Киелце 20:22, Киелце – Вардар 33:31 ( 1/4 финале во сезоната 2014/15)

Вардар – Киелце 34:24, Киелце – Вардар 23:20 ( групна фаза во сезоната 2015/16)

Вардар – Киелце 40:34, Киелце – Вардар 27:24 ( групна фаза во сезоната 2016/17)

Вардарци успеаа да поправат една историја од минатите соочувања со Веспрем, кога немаа победа на теренот во Унгарија, а првиот триумф беше забележан пред две недели, кога црвено-црните со два бода заминаа од Веспрем Арената. Дали истото ќе се повтори и денес, односно дали избраниците на Парондо можат да стигнат до првиот триумф во Полска, останува да видиме со почеток од 17:00 часот.

Голманскиот тандем кај нашиот шампион на денешниот дуел ќе го сочинуваат Милосављев и Гедбан, кој ја доби потребната виза за излез во Европа, додека во составот нема да биде пикерот Мораес Фереира кој има настинка. Затоа на негово место ќе биде капитенот Стоилов кој заедно со Калараш ќе го понесат товарот на пикерската позиција, но и во одбраната. Исходот од овој натпревар многу ќе зависи и од настапот на голманите кај двата тима. Од едната страна е Дејан Милосављев кој е во одлична форма, додека на другата страна ќе биде Филип Ивиќ, кој исто така важи за голема перспектива.

Останува само да уживаме во ова ракометно дерби, од кое директен пренос можете да проследите на каналот Арена Спорт 2, со почеток од 17:00 часот.