Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Алборг му врати на Вардар, втор последователен пораз во ЛШ
Алборг му врати на Вардар, втор последователен пораз во ЛШ

Алборг му врати на Вардар, втор последователен пораз во ЛШ

Вардар го претрпе вториот последователен пораз во Лигата на Шампионите. Вечерва нашиот состав загуби на гостувањето од екипата на Алборг.

Лошо започна натпреварот за Вардар, со оглед дека беше во негатива од три гола, додека првиот погодок за нас го постигна Моралес. Интересно е тоа што од 13 голови за Вардар во првото полувреме, дури 9 беа дело на Дибиров, Моралес постигна 3 додека еден беше дело на Дијало. Екипата на Алборг поведе и со 6:3, по што следеше серија за вардарци, со два гола по ред на Дибиров и еден на Дијало успеавме во 10 минута да го израмниме резултатот на 6:6. Томовски стигна до две одбрани на нашиот гол, додека Моралес донесе и прво водство за Вардар во 13 минута од натпреварот. Секогаш кога ќе успеевме да поведеме, домашниот тим влегуваше во серија на погодоци, така беше и во случајот кога со три последователни погодоци поведоа со 10:8. И на овој натпревар недостасуваа погодоците од Гаџа, но затоа Дибиров ја полнеше мрежата на Алборг, со неговиот осми гол, Вардар повторно беше во предност овој пад од 11:12. И повторно, противникот влегува во серија, ние „прокоцкавме“ два напади, обидувајќи се да поентираме на празен гол, не успеавме преку Талески и Дибиров, па Алборг знаееше тоа да го казнува, направи серија од 4:0 и поведе со 15:12. До крајот на првиот дел видовме по еден гол во двете мрежи, за резултат од 16:13 на полувреме.

Како започна натпреварот, така стартуваше и второто полувреме, Алборг набрзина врза три погодоци за највисока предност од 19:13, додека ние го „кршиме“ мразот преку Оливие Њокас. Гаџа конечно се „разбуди“ сврза два гола, но домаќинот поведе и со највисоки 21:14, што беше знак за Вујовиќ да побара тајмаут. Следеше наша подобра игра, со која намаливме на 22:17, но едноставно денес немавме решение за Палмарсон кој беше незапирлив со 7 постигнати голови после 40 минути игра. Тешко беше да се вратиме во игра, домаќинот одржуваше предност од 4-6 голови и се чинеше дека го контролира натпреварот. Сепак Вардар не се предаде, благодарение на Томовски кој одбрани две топки, успеавме да стигнеме до само два гола негатива (29:27) на четири минути пред крајот. Сепак Алборг не дозволи драматична завршница, ја одржаа предноста за победа изразена со резултат 33:29.