Friday ,22 November 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Во драматична завршница, Вардар загуби минимално од Еурофарм Пелистер
Во драматична завршница, Вардар загуби минимално од Еурофарм Пелистер

Во драматична завршница, Вардар загуби минимално од Еурофарм Пелистер

Во драматична завршница, екипата на Еурофарм Пелистер успеа да слави со резултат 23:22 и да стане освојувач на ракометниот Супер Куп.

Гледавме рамноправно прво полувреме, во кое и двете екипи во еден момент имаа предност од два гола разлика, сепак на полувреме се замина со нерешен резултат 12:12.После игра гол за гол, Вардар беше екипата која прва успеа да поведе со два гола разлика, откако Томовски одбрани пенал, Стоилов беше играчот кој успеа да ни донесе предност од 5:3 во 11.минута, но противникот успеа да врати и на средина на првото полувреме на семафорот стоеше резултат 5:5. Голманот на Еурофарм Пелистер, Урбан Лесјак беше расположен на својот гол и може да се каже дека беше најзаслужен што неговата екипа немаше негатива по првите 30 минути, период во кој стигна до 8 одбрани, додека на нашиот гол, Мартин Томовски, заврши со 5 интервенции. Пешевски донесе водство од 5:6, но со два последователни голови на Куни Моралес повторно го вративме водството на 7:6 во 18 минута. Следеше период во кој, битолскиот тим успеа да направи серија од 1:4 и да поведе со 8:10, а беше и 9:11, за момците на Владо Недановски со серија од 3:0 да поведат со 12:11, откако Талески го постигна својот четврти гол. Последниот гол во првиот дел го постигна Еурофарм Пелистер, додека Вардар не успеа да реализира во последниот напад, па на одмор се замина со резултат 12:12.

Лош старт на вториот дел, Еурофарм Пелистер по само 4 минути игра направи серија од 0:3 и поведе со 12:15, што беше знак за Недановски да побара тај-маут. Вардар бргу се врати во натпреварот, влезе во серија од четири погодоци од кои два беа дело на Талески, за предност на црвено-црните од 16:15 во 40 минута. Филип Талески со својот седми гол продолжи да го „бомбардира“ голот на битолчани, Вардар е веќе во серија од 5:0 за водство од 17:15, па тренерот на противникот побара минута одмор. Противникот се врати во игра го израмни резултатот на 18:18, но Вардар повторно е во предност од 20:18 во 49 минута. На голот застана и Борко Ристовски кој стигна до две одбрани, а влеговме во последните 9 минути од натпреварот. Во драматична завршница, екипата на Еурофарм Пелистер слави со резултат 22:23. Вардар имаше предност од два гола и зицер позиција за Ѓукиќ, но сепак на крајот се радуваше противникот.

Филип Талески беше најефикасен на натпреварот со 10 постигнати голови.