Екипата на Вардар е старо-нов освојувач на националниот куп, откако денес во големото финале го победи Еурофарм Работник и на тој начин го одбрани трофејот во ова натпреварување.
Натпреварот започна со прва одбрана на Страхиња Милиќ, кој беше на нашиот гол, за во првиот напад атрактивно да погодиме со цепелин и гол на Игор Карачиќ. Погодивме и во следниот напад за водство од 0:2, за екипата на Еурофарм Работник во следниот период да постигне три последователни голови и да има предност од 3:2 во 8 минута од мечот. Чупиќ ја прекинува таа серија на домашниот тим, за да го израмни резултатот на 3:3, по што во следните осум минути се игра гол за гол на двете страни, а последното израмнување беше при резултат 7:7. Од тој момент, па се до крајот на првиот дел, црвено-црните имаа водство и контрола на резултатот. Направивме серија од 0:3 и со голот на крилото Чупиќ, за прв пат на натпреварот имаме предност од три гола разлика (7:10). Намали за момент Работник, но Вардар не попушта и постигнува нови два погодоци во серија и преку Карачиќ во 21 минута да стигнеме до четири плус (8:12), за веднаш потоа да погоди и Деревен за највисоки пет голови (8:13). Мора да се напомене дека и соилиден на голот беше Страхиња Милиќ, кој имаше неколку добри интервенции. Во уште еден наврт имавме пет гола предност (11:16), но дозволивме на противникот до истекот на првите 30 минути да намали на 13:16.
Оваа предност се одржуваше и во првите пет минути од второто полувреме, кога резултатот беше 16:19. Лука Циндриќ со два нови голови во серија, го носи Вардар во водство од 16:20. Конфузија во играта на домаќинот значеа неколку грешки, што Вардар немилосрдно ги казнуваше, за повторно да ги вратиме петте гола разлика од првиот дел (16:21). По само осум минути игра во второто полувреме, црвено-црните стигнаа и до најголеми 16:22, со голот на Жоан Кањелас, за да надопли Дибиров за убедливи 16:23. Тоа беше знак за тренерот Андон Бошковски да повика тајм-аут. Во следните шест минути двете екипи постигнаа по три голови, за нашиот шампион да ги одржува седумте гола предност, во 46 минута од дуелот. Веќе во 52 минута имавме предност од 21:29, по што се наѕираше освојувачот на купот. Во следните минути, противникот успева да намали на 24:29, но Чупиќ носи гол за Вардар, за резултат 24:30 на пет минути пред крајот на мечот. Немавме проблеми во финишот да го зачуваме водството, за на крајот да славиме со резултат 26:31.
Најефикасен во победата беше Иван Чупиќ со 7 погодоци, додека Шишкарев и Циндриќ додадоа по 5. После СЕХА-лигата, ова е втор освоен трофеј оваа сезона за Вардарци, со можност да освојат уште толку до крајот на сезоната.