Friday ,26 April 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Со една голманска одбрана во вториот дел, Вардар повторно загуби од Киелце
Со една голманска одбрана во вториот дел, Вардар повторно загуби од Киелце

Со една голманска одбрана во вториот дел, Вардар повторно загуби од Киелце

Вардар втор пат сезонава загуби од Киелце, додека трет во Лигата на Шампионите во оваа натпреварувачка сезона. Не се прославивме ниту на гостувањето во Полска, овој терен и понатаму е нерешлива енигма за Вардар. На натпревар од 8.коло кој беше прогласен за меч на колото во ЛШ, славеше Киелце со резултат 36:29.

Како и на првиот дуел во Скопје, така и на вечерашниот, подобро стартувавме кога по 6.минути игра имавме водство од 2:5. За серија од три последователни голови се погрижија Чупиќ, Јотиќ и Дибиров. Сепак, Вардар сезонава нема сили да одигра на високо ниво во текот на целиот натпревар, што се покажа и на овој дуел со Киелце. Избраниците на Талат Душебаев наметнаа силно темпо на игра, брзо враќаа на нашите погодоци и во 10 минута успеаа да го израмнат резултатот на 5:5. Со голот на Дисингер ја вративме предноста за 5:6, но домашниот тим во 14 минута го имаше и првото водство, кога со голот на Душебаев на семафорот стоеше резултат 9:8. Ако се земе предвид дека првата наша голманска одбрана беше во 15 минута од дуелот, истата ја забележа Борко Ристовски, можеби негативата од шест гола на полувреме и не беше изненадувачка. На спротивната страна, изненадувањето на голот на Киелце, Корнецки во првиот дел имаше 9 успешни интервенции. Противникот влезе во серија на погодоци и во 20 минута поведе и со 13:10, што беше знак за Алушовски да побара тајм-аут. Не се променија работите на теренот, Киелце беше во налет, нивниот голман одлично бранеше, што им овозможи да поведат и со највисоки 15:10 . Дибиров ја спречи лошата серија кога намали на 15:11, додека на голот застана Кантегрел и запиша две одбрани. На полувреме, полскиот шампион имаше солидна предност од 18:12.

Стоилов беше стрелец на првиот гол и во второто поувреме, но Киелце во 35 минута имаше највисоки седум голови разлика, откако погоди Душебаев за 21:14. Надежите за поволен резултат се вратија во 42 минута кога со голот на Дибиров намаливме на 24:20, но се уште домашниот тим имаше солидна предност, иако Вардар се обидуваше да се доближи. Проблем и на овој дуел беше тоа што немавме помош од голманите, иако и одбраната не беше на своето ниво. И по 20 минути игра во вториот дел, нашите голмани немаа интервенција, а Киелце повторно имаше највисоки 30:23.Лесно и рутински одигра домаќинот до крајот на натпреварот, кој го доби со резултат 36:29.

Во нашите редови, најефикасен беше Дибиров со 7 голови, додека Дисингер и Јотиќ постигнаа по 5.