Екипата на ППД Загреб е противникот на Вардар во осминафиналето од Лигата на Шампионите. Ова е разврската од денешните натпревари во најсилната група Б, во која екипата на ППД Загреб ремизираше на гостувањето кај екипата на Пик Сегед, додека Мотор Запорожје беше поразен од екипата на ПСЖ. На тој начин Мотор Запорожје го задржа петтото место на табелата, додека Загреб остана на шесттата позиција, што значи дека тие се противникот на црвено-црните во следната елиминациска рунда. Иако двете екипи имаат ист број на бодови, украинскиот тим е подобар во меѓусебните дуели.
ППД Загреб имаше можност да слави на гостувањето кај Пик Сегед, со оглед дека на шест минути пред крајот имаше водство од 21:23. Сепак домаќинот направи серија од 3:0 и на крајот успеа да остане непоразен, иако имаше и напад за победа. Вардар и Загреб се познаваат одлично, пред се од мечевите во СЕХА-лигата, но имаме играно со Загреб и во групните фази од ЛШ, така што не очекува интересен двомеч. Во случај на пролаз во 1/4 финалето, таму ќе го чекаме победникот од мечот Пик Сегед и Висла Плок, која денес направи големо изненадување на гостувањето кај Силкеборг, каде успеа да ги надомести четирите гола негатива од првиот меч.
Првиот меч Вардар го игра во Загреб (20-24 март), додека реваншот е една недела подоцна во Скопје (27-31 март).