Thursday ,25 April 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Вардар против Монпелје ја отвара новата сезона во Лигата на Шампионите
Вардар против Монпелје ја отвара новата сезона во Лигата на Шампионите

Вардар против Монпелје ја отвара новата сезона во Лигата на Шампионите

Денес со почеток од 17:30 часот стартува новата натпреварувачка сезона во Лигата на Шампионите за екипата на Вардар. Поспектакуларен старт не можевме ни да посакаме, црвено-црните гостуваат на актуелниот шампион на Европа, екипата на Монпелје.

Многу различен трансфер период имаа двете екипи. За разлика од Вардар, кој направи неколку промени во играчкиот кадар, тоа не е случај и со екипата на Монпелје, која речиси со истиот состав ќе настапува и новата сезона. Промена е единствено заминувањето на пикерот, Лудовик Фабрегас кој премина во екипата на Барселона, за неговото место да го потполни  Фредерик Петерсон од Тулуз. Тоа не беше случај и со вардарци, кои направија неколку промени во однос на составот. Деби во Лигата на Шампионите на клупата ќе има Роберто Грсија Парондо, кој го замени неговиот сонародник, Раул Гонзалез. Од Вардар си заминаа Штербик, Милиќ, Абутовиќ, Циндриќ, Македа, Кањелас и Марсениќ, додека нивните места ги потполнија Милосављев, Гедбан, Скубе, Горбок, Милосављев, Калараш и Оцвирк.

Истиве екипи играа и во полуфиналето на завршниот турнир во Келн, минатата сезона, кога за еден гол подобра беше екипата на Монпелје, која потоа успеа да ја освои и титулата. Вардар се соочува со проблеми во пресрет на овој меч. Знаеме од поодамна дека најголем дел од сезоната ќе ја пропушти Сергеј Горбок, а на првите неколу мечеви нема да можеме да сметаме и на капитенот, Стојанче Стоилов. На голот го имаме Дејан Милосављев кој се наоѓа во добра форма, а негова поткрепа ќе биде младиот Марко Кизиќ, кој ќе го има своето деби во Лигата на Шампионите. На спротивнат страна екипата од Франција нема да може да смета на Гребил и Гигу, кои се повредени.

Монпелје во подготвителниот период успеа да го освои трофејот на шампионите, со победите над Нант и Сант Рафаел, додека имаа успешен старт и во националното првенство, откако на гостински терен ја победија екипата на Тулуз. Очекуваме квалитетен натпревар и добра игра на црвено-црните. Пренос од мечот можете да проследите на Арена 4.