Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > РК Вардар прв пат во својата историја освојува прво место во групната фаза од ЛШ
РК Вардар прв пат во својата историја освојува прво место во групната фаза од ЛШ

РК Вардар прв пат во својата историја освојува прво место во групната фаза од ЛШ

Нашиот ракометен шампион четврта сезона по ред обезбедува пласман во најдобрите осум екипи во Европа. Оваа сезона за прв пат, црвено-црните директно се пласираа во четвртфиналето, откако завршија на првото место во својата група, што беше и нивно прво вакво достигнување. Повторно одигравме одлично во групната фаза и на крај сосема заслужено ни припадна првата позиција. Долг беше патот до освојување на лидерското место, а започна од Шведска каде Вардарци ја стартуваа новата натпреварувачка сезона во лигата на шампиони. На овој дуел имавме проблеми само во првите десет минути кога домашниот тим имаше водство од 7:4, за Вардарци да ги консолидираат своите редови и со серија од 1:7 да поведеме со 8:11. Истава разлика ја одржувавме до крајот на првото полувреме. На стартот на вториот дел постигнавме два гола и стигнавме до највисоки пет голови предност, која ја зачувавме до самиот крај, кога славевме со резултат 23:28, по што Вардар успешно го положи првиот тест во ЛШ. Следуваше првиот домашен натпревар за избраниците на Раул Гонзалес, против екипата на Брест Мешков. Тука противникот пружаше силен отпор, но нашиот состав имаше контрола на резултатот и стигна до триумф од 31:27. Второ гостување и нов триумф за Вардар, кој славеше и против Целје П.Л. И на овој меч противникот немаше сили да парира во текот на сите 60 минути и на крај беше принуден бодовите да му ги препушти на нашиот шампион, за конечен резултат од 26:32. Продолжи победничката серија и на следниот натпревар, за вкупно четврта последователна победа. Овој пат противник ни беше тимот на Пик Сегед, кој по голема борба го совладавме со резултат 30:27. Вицешампионот на Унгарија се покажа како тврд орев на овој натпревар, но квалитетот и подолгата клупа беа на наша страна, за на крај да славиме нов триумф. Следуваше прв пораз во лигата на шампионите за црвено-црните во дуел против Загреб, кој пак стигна до првата победа во групата. Иако Вардар во најголем дел од натпреварот имаше водство, кое достигна и до пет гола на крајот сепак го загубивме мечот (28:27) во една интересна завршница. Брзо го залечивме раните од првиот пораз и на убедлив начин се вративме на победничките патеки. Во рамките на шесттото коло во Јане Сандански гостуваше европскиот шампион, екипата на Киелце која беше испратена дома со 40 голови. Доминација на Вардар во текот на целиот натпревар кој целосно го надигра Киелце, за петта победа во ЛШ (40:34). Успешно го заокруживме првиот дел во групата и тоа со победа на гостувањето против шампионот на Германија. Успеавме повторно да одиграме одличен натпревар и да ја победиме екипата на Рајн Некар (27:33). Така по седум одиграни кола имавме шест победи и еден пораз и бевме на првото место на табелата.

Следуваше реванш во Јане Сандански против тимот на Рајн-Некар , кој не изненади со тактиката во напд да играат со ракометар повеќе, односно без голман, што на крај се покажа како добро решение за избраниците на Николај Јакобсен, кои го вратија триумфот (26:29). Втор последователен пораз за Вардар во рамките на деветтото коло и тоа на гостувањето кај Киелце. По една голема борба, актуелниот европски шамнпион успеа да слави со резултат 27:24. По ова следуваше пауза поради светското првенство кое се играше во Франција. Првиот натпревар во новата година го одигравме на домашен терен, против тимот на ППД Загреб. Вардарци му вратија на Загреб за првиот пораз на нивниот терен и победија со 25:20. Можеби најважниот натпревар за првото место во групата го игравме во Унгарија, каде по втор пат сезонава бевме подобри од Пик Сегед. Во една интересна и неизвесна завршница подобро се снајде нашиот состав кој триумфираше со резултат 21:23. До крајот на групната фаза одигравме уште три натпревари, од кои два на домашен терен против Целје и Кристијанштад кои ги добивме во своја корист и оној на гости против Брест Мешков кој го загубивме. Најсилната група Б ја затвориме пред својата публика против Кристијанштад, меч кој немаше резултатско значење, но Вардарци до крај професионално си ја одработија задачата.

На тој начин со десет победи и четири порази, или вкупно 20 освоени бодови го освоивме првото место во групата. За прв пат во настапите од лигата на шампионите, Вардар успева да заврши како лидер во групната фаза. Се надеваме дека прв пат оваа сезона ќе стигнеме и до завршниот турнир во Келн, што ќе биде најголем успех за еден машки ракометен клуб од Македонија.