Иако со преполовен состав, сепак Вардар се покажа како пресилен за тимот на Извиѓач на натпревар од последното коло во регуларниот дел на СЕХА-лигата. Црвено-црните триумфираа со резултат 28:31.
На првиот гол се чекаше цели пет минути а истиот го постигна Вардар преку Кисељев, односно рускиот десен бек беше стрелец на првите три гола за нашиот состав. На голот започна Калифа Гедбан, кој домашните играчи цели 9 минути не успеаа да го совладаат, период за кој алжирецот имаше три одбрани. Во нападот игравме со Поповски, Недановски, Фереира, Кисељев, Војводиќ и Кукуловски. Две минути им беа потребни на Извиѓач да го израмнат резултатот на 3:3, кое беше последно на овој натпревар. Со двата гола на Поповски и еден на Фереира за прв пат имавме три гола позитива (3:6) во 12.минута од натпреварот. Истава позитива ја имавме уште во три наврати, а Вардар како одминуваше првиот дел постепено ја зголемуваше предноста. Шанса во нападот доби и младиот Дејан Кукуловски, па токму со неговите два гола во серија, црвено-црните поведоа и со шест голови разлика (7:13) во 24 минута од дуелот. Со истава позитива заврши и првото полувреме, кога резултатот на семафорот стоеше 10:16.
Со петтиот гол на Поповски започна вториот дел за водство на Вардар од 10:17. Имавме и 12:19, но следуваа минути кога домашниот тим постигна два гола во серија и намали на 14:19, затоа Стоилов во улога на среден бек пстигна гол и зголеми на 14:20. Вардар му дозволи на противникот да ја преполови негативата и во 40 минута да има водство од само три гола, 17:20 беше резултатот во тој момент. Сепак избраниците на Парондо не дозволија опуштање, набрзина постигнаа три нови голови и зголемија на 17:23. Денес одличен е Гедбан, кој веќе стигна и до 12 одбрани на голот и не дозволи на домашниот тим да намали на само два гола разлика, а Шишкарев постигнува гол за водство од 24:28. Вардар е доволно квалитетен за да дозволи ново изненадување, слави победа со резултат 28:31.
Мартин Поповски беше најдобар стрелец кај Вардар со 9 погодоци, додека Гедбан имаше 16 одбрани.
Вардар со 14 победи и 4 порази го заврши регуларниот дел од сезоната. По комлетирање на утрешните натпревари од последното коло, ќе биде познат и конечниот пласман на табелата, како и полуфиналните двојки на Ф4 турнирот кој оваа сезона ќе се одигра во Брест.