Thursday ,02 May 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Вардар загуби од Еурофарм Пелистер, на финалниот дуел во Струга
Вардар загуби од Еурофарм Пелистер, на финалниот дуел во Струга

Вардар загуби од Еурофарм Пелистер, на финалниот дуел во Струга

Вардар загуби во финалето на турнирот во Струга, откако загуби од екипата на Еурофарм Пелистер и на тој начин го освои второто место.

Во првото полувреме и двете екипи имаа свои добри периоди во играта. Вардар беше тимот кој до средината на првото полувреме одржуваше водство, кое најмногу достигна до три гола разлика. Борко Ристовски беше одличен на нашиот гол, со двоцифрен број на одбранети удари го заврши првото полувреме, но и на спротивната страна, Трајковски имаше неколку добри одбрани.

Црвено-црните први се одлепија на три гола позитива, кога Дибиров и Јотиќ погодија за предност од 6:3. Борко имаше одбрането и зицер удари на противникот, па благодарение на неговите интервенции одржувавме водство. Сепак, екипата на Еурофарм Пелистер, покажува дека во новата сезона ќе биде силен конкурент на вардарци, во домашните натпреварувања. Имавме период на конфузна игра во нападот, не искористивме неколку напади, а падот започна откако Алушовски реши, да го замени Јотиќ, со Анте Гаџа. Најголемото засилување на битолчани, Стипе Мандалиниќ, успеа да му донесе израмнување на својот тим, резултат 8:8 кој беше актуелен на семафорот. Дибиров за кратко ја врати нашата предност, но противникот врати со серија од 0:3 и за прв пат имаше водство од два гола разлика (9:11). Алушовски повика тајм-аут да ја смири екипата. Тоа вроди со резултат, кога најпрво со првиот гол на Вујин, а потоа и со четвртиот погодок на Јотиќ да израмниме на 11:11. До крајот на првиот дел се играше гол за гол, па на одмор се замина со нерешени 13:13.

По пет минути игра во вториот дел, екипата на Еурофарм направи серија од 1:3 и поведе со 14:16. Освен Јотиќ, немавме некој друг расположен бек за игра, додека во одбраната не започнавме баш добро. Вујин повторно не успеа да реализира, Гаџа не го совладува Чаневски од добра позиција, потоа и Дибиров ја погодува стативата од голот, за долго време Вардар да не го пронајде патот до противничкиот гол. Битолчани го користат нашиот лош период, постигнуваат гол и за највисоки 15:18. Кизиќ застана на голот, веднаш одбрани топка на Радовиќ и седмерец, дали младиот голман може да биде причина за пресврт. Несфатливо зошто повторно беше повлечен Јотиќ, кој беше единствена светла точка во нашиот напад, Гаџа направи премногу грешки, додека ниту Талевски и Вујин не се изнаиграа. Кризата продолжи, нови изгубени топки и промашени удари, а Танкоски му донесе највисоко водство на својот тим од 18:23. Чупиќ донесе мала надеж, кога со два гола во серија намали на три гола, но Радовиќ на четири минути пред крајот погоди за 22:26. На крајот триумф за Еурофарм Пелистер со резултат 23:26.