Црвено-црните првиот собир во новата година ќе го имаат во вторник, кога и ќе означат старт на подготовките за вториот дел од сезоната.
Вардарци ќе тренираат преполовени, со оглед дека дел од играчите ќе бидат со своите репрезентации на светското првенство кое од 10.јануари стартува во Германија и Данска. Засега само рускиот селектор го објави конечниот список на ракометари кои патуваат на мундијалот, а на него се наоѓаат и четворица играчи од редовите на Вардар. Се работи за Тимур Дибиров, Дмитри Кисељев, Глеб Калараш и Данил Шишкарев кои со сигурност ќе ги гледаме пред малите екрани. Во текот на следните два дена конечните состави треба да ги објават и македонскит, српскиот, како и хрватскиот селектор, но многу е голема веројатноста дека на мундијалот ќе ги гледаме Стоилов, Поповски ( Македонија), потоа Карачиќ ( Хрватска) и Милосављев ( Србија).
Што се однесува до играчите кои немаат репрезентативни обврски на првата прозивка треба да се појават, голманите Калифа Гедбан, Даниел Ѓорѓески, Марко Кизиќ и Андреј Петковски, потоа Владо Недановски, Јана Војводиќ, Кристијан Дисингер, Грегор Оцвирк, Иван Чупиќ, Марко Мишевски, Стас Скубе, а сигурно ќе бидат приклучени уште 2-3 ракометари од вториот тим на Вардар.
Се уште со екипата не се во можност да тренираат, Горбок, Борозан, Кристопанс и Фереира. Тие се под терапија и ќе работат одвоено од екипата, барем во наредниот период. Прогнозите се дека последните тројца би требало да бидат подготвени за продолжување на мечевите од Лигата на Шампионите, кога во месец февруари не очекуваат три тешки натпревари. Тоа посебно се однесува за Кристопанс кој имаше мала операција, но и Борозан и Фереира би требало да бидат во составот на тренерот Гарсија Парондо за следните предизвици во ЛШ. Со оглед дека Парондо ќе биде дел од стручниот штаб на македонската селекцијата на СП, екипата со споменатите ракометари ќе работи со помошникот, тоа е Билјана Црвенковска.