Селекциите на Русија и Шведска го одиграа и вториот контролен натпревар, како последна подготвка и проверка на формата пред стартот на Светското првенство во Германија и Данска.
После убедливиот пораз во првиот дуел, Русија успеа да се избори за нерешен резултат на вториот контролен меч против селекцијата на Шведска. Повторно домашната селекција подобро го отвори мечот кога се одлепи на позитива од четири гола (7:3). Во тие моменти селекторот на Русија, Едуард Кокшаров повика тајмаут и ја смени одбраната. Тоа даде реззултат, па Русија во следните седум минути направи серија од 0:6 и поведе со 7:9. До крајот на првиот дел ја одржуваа оваа предност и на полувреме имаа водство од 16:18. Во вториот дел гледавме израмнет натревар, ниту една од екипите немаше поголема предност од два гола, па нерешениот резултат на крајот можеби беше најреалниот исход (28:28).
Вардаровото десно крило, Данил Шишкарев одигра одличен меч постигнувајќи дури 8 голови, со кои беше најефикасен играч на натпреварот. Од вардаровите играчи се истакнаа уште и Тимур Дибиров со 3 и Дмитри Кисељев како и Глеб Калараш со по 2 гола. И на овој меч половина од погодоците за Русија беа дело на ракометарите кои настапуваат за Вардар.
Ова беше последна контрола за Русите пред стартот на мундијалот. Во Петок избраниците на Кокшаров го играат првиот натпревар на СП, а противник им е репрезентацијата на Србија.