Важен натпревар за Вардар во рамките на најсилната група А од Лигата на Шампионите. Црвено-црните вечерва со почеток од 15:00 часот гостуваат во Белорусија, на екипата на Брест Мешков.
И за двете екипи е неопходна победата, но само една ќе има можност да се радува на триумфот, или во втор случај мечот да заврши со поделба на бодовите. Противникот се наоѓа во лоша серија од шест последователни порази во ЛШ. Добра започна сезоната за Брест Мешков со две врзани победи, во дуелите со екипите на Кристијанштад и Монпелје, но понатаму следеше лоша серија за овој тим. Нанижаа порази во дуелите со екипите на Рајн-Некар, Веспрем, Барса, Вардар и на два пати од екипата на Киелце. Црвено-црните пак ги загубија двата последни натпревари во ЛШ од тимот на Барселона. На првиот дуел одигран во Скопје, во рамките на 6.коло од ЛШ славеа избраниците на Парондо и тоа убедливо со резултат 30:23.
Во белоруските медиуми се пишува дека ова за Брест Мешков е меч да се биде или не. Се појавија и некои гласини дека може да дојде до тренерска смена, поради незадоволството од лошите резултати. Иако оваа сезона се очекуваше подобри игри, со назначувањето за тренер на Маноло Каденас, сепак на шпанскиот стручњак не му оди баш најдобро во овој дел од сезоната. И двете екипи многу добро се познаваат, не само во настапите од Лигата на Шампионите, туку и на мечевите од СЕХА-лигата каде имаме одиграно многу меѓусебни натпревари.
Вардар на овој дуел ќе ослабен поради неиграњето на Фереира и Борозан, кои правеа операција на коленото и ќе ги пропуштат последните два меча за оваа година во Лигата на Шампионите. Сепак ова е важен дуел за вардарци, за враќање на победничките патеки и во горниот дел на табелата. Дуелот може да се проследи со директен пренос на Арена Спорт 4.