Ракометарите на Вардар стигнаа и до седмата последователна победа во Супер Лигата. Попладнево во СЦ.Јане Сандански, црвено-црните како гостин ја победија екипата на Голден АРТ со резултат 21:32
Од првата минута на натпреварот имавме предност, која ја одржувавме до крајот на првиот дел. Со головите на Јагуриновски, Срдановиќ и Николиќ поведовме со 0:3, за првиот гол домашниот тим да го постигне во 4 минута за намалување на резултатот. Следеше нова серија на Вардарци, за при резултат 1:6, тренерот на Голден Арт да повика тајмаут. И после кратката пауза, избраниците на Недановски го зголемуваа водството и со голот на Срдановиќ зголемивме на 1:8. Противникот врати со два гола во серија за намалување на 3:8, за Срдановиќ со погодок да зголеми на 3:10 во 15 минута од натпреварот. Во 24 минута, Срдановиќ пропушти шанса да донесе највисоки осум голови разлика за Вардар, а Томовски му одбрани пенал на противничкиот ракометар и не дозволи негативата да биде спуштена на пет гола. Неколку одбрани на домашниот голман, овозможија Голден Арт на полувреме да замине со само негатива од три гола, резултатот гласеше 11:14.
Вториот дел започна со погодок на Карапалевски за предност на Вардар од 11:15, за Николиќ со удар од седум метри во 35.минута да го зголеми резултатот на 13:18. Со голот на Мело во 40 минута од мечот ги вративме оние највисоки седум гола разлика, резултатот на семафорот гласеше 14:21, што беше знак за тренерот на Голден Арт да побара минута одмор. Одличен на голот беше и Томовски, за Вардар да стигне и до високи 16:25. Последните десет минути беа рутина за вардарци кои славеа со резултат 21:32.