Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Барселона не го дава врвот во групата Б, Вардар останува на петтото место
Барселона не го дава врвот во групата Б, Вардар останува на петтото место

Барселона не го дава врвот во групата Б, Вардар останува на петтото место

Викендов се комплетираше единаесеттото коло во групата Б од лигата на шампиони. Победи во ова коло забележаа Рајн-Некар, Барселона и Пик Сегед, додека Кристијанштад и Киелце одиграа нерешено.

Вардарци испуштија голема шанса со победа да се вратат во рамноправна борба за место погоре на табелата. На гостувањето во Германија бевме минимално поразени од екипата на Рајн-некар. Иако во најголем дел избраниците на Гонзалес имаа водство, во последните пет минути подобро се снајде домашната екипа, која забележа многу важна победа, во борбата за второто место на табелата.

Екипата на Барселона немаше поголеми проблеми во Франција, на дуелот против Монпелје. Актуелниот европски првак ја запиша вкупно осмата победа во групната фаза и остана на врвот на табелата. Константно во текот на целиот натпревар Шпанците имаа предност, која започна со 1:4. Како одминуваше првото полувреме разликата се повеќе се зголемуваше за во еден момент да достигне шест голови позитива. Кирил Лазаров имаше посебна вечер на овој меч, постигнувајќи 5 голови од 7 обиди во текот на првото полувреме, кое заврши со резултат 11:15. На почетокот на второто полувреме Монпелје успеаа да ја преполови предноста на Барса, но расположениот Лазаров секогаш имаше одговор постигнувајќи голови за враќање на најголемата предност. Тој мечот го заврши со 9 погодоци и беше најефикасен во победата на својот тим, додека Виктор Томас додаде 5 гола. Конечниот резултат гласеше 23:31.

Најинтересниот натпревар во ова коло на групата Б се одигра во Шведска, помеѓу екипите на Кристијанштад и Киелце. Вкупно беа постигнати 70 голови, за на крајот двете екипи да ги поделат бодовите. Две различни полувремиња имавме можност да гледаме на овој меч. Во првиот дел Киелце беше екипата која го диктираше темпото на игра и имаше постојано водство, кое резултираше на одмор да се замине со предност од 17:19. На почетокот на вториот дел, домаќинот успева да го израмни резултатот и да започне се од почеток. Речиси се до последните пет минути се играше гол за гол на двете страни, кога Кристијанштад успеаа да се одалечи на три голови разлика, што изгледаа како доволни за победа. Сепак Киелце не се предаде и не само што успеаа да го израмни резултатот, туку имаше и последен удар од седум метри за триумф. Но на голот повторно блескаше Небојша Симиќ, кој го скроти овој удар на противникот и успеаа да му донесе бод на својот тим од овој тежок меч. Конечниот резултат беше 35:35.

Пик Сегед не дозволи изненадување на свој терен и високо ја порази екипата  на Колдинг. Данците одржуваа резултатска рамнотежа до првата половина на првото полувреме, кога и имаа минимална предност. Набргу тргна “возот“ за Сегед, кој успеаа да направи серија од неколку погодоци и да замине на полувреме со високо водство од 18:13. Прашањето околу конечниот пбедник на овој дуел беше решено на стартот на вторите 30 минути, кога Пик Сегед со серија од 5:0 стигна до двоцифрена предност. Остатокот од дуелот беше чиста рутина за Унгарците, кои остварија многу важна победа.

На табелата станува се погусто и до самиот крај ќе се води голема борба за позициите, кои во 1/8 рунда би носеле полесен противник. Засега во најдобра позиција е екипата на Барселона.

1. Барселона 17

2. Пик Сегед  15

3. Киелце   15

4. Рајн-некар  15

5. Вардар   12

6. Монпелје 7

7. Кристијанштад 5

8. Колдинг  2

Следниот натпревар за нашиот ракометен шампион е на 20-ти феверуари, во арената Јане Сандански, против екипата на Кристијанштад.