Денес во С.Р.Ц. Кале се одигра ракометен натпревар во младинската лига, во групата 2, помеѓу екипите на Вардар Јуниор и Металург 2. Поуспешна беше гостинската екипа која славеше со резултат од 23:32.
Добро започна натпреварот за избраниците на Пепи Манасков кои имаа водство од 2:0. Екипата на Металург во четвртата минута го постигна првиот гол и тоа од удар од седум метри, за да намали на 2:1. Од тие моменти, екипата на Вардар Јуниор направи серија од 3:0 за во 8 минута да има предност од 5:1. Следуваше лош период за црвено-црните, каде шест минути не успеваат да постигнат гол, напротив екипата на Металург кој постигна пет последователни голови и за прв пат на натпреварот имаше предност од 5:6. Конечно во 14 минута, Вардар Јуниор ја прекинува лошата серија и го израмнува резултатот на 6:6. Нови лоши минути за избраниците на Манасков, кои лошо играа во нападот, додека единствена светла точка беше голманот на Вардар, Андреј Талески кој имаше неколку добри интервенции. Со серија од 0:3, екипата од Автокоманда се одлепи на највисоки 6:9. Следи подобра игра на Вардар, каде со голот на Благоја Антевски во 25 минута намалуваме на 8:9. Заигруваме подобро во одбраната, а голманот Талески продолжува со одбраните. Во последната минута со погодокот успеваме да израмниме на 12:12, резултат со кој се замина на одмор.
Првите два гола во второто полувреме за Вардар ги постигна Едис Јаховиќ, кој го израмни резултатот на 14:14. Нашиот состав никако не можеше да ја пронајде вистинската игра, па му дозволи на Металург да постигне три последователни голови и во 43 минута да поведе со 17:21. Сепак Вардар не дозволи предвреме да биде решен победникот па со серија од 4:1 успева да стигне до само еден гол негатива (21:22). Секогаш кога ќе се доближивме резултатски, противникот враќаше со серија од погодоци, така беше и во случајов кога имаа предност од 22:26 во 54 минута. На крајот испадна како голема победа на Металург, кој славеше со резултат 23:32.
Најефикасен кај Вардар беше Стојанче Симевски кој постигна 6 голови, додека Александар Нанов додаде 5. Ова беше втор пораз од исто толку натпревари оваа сезона за младинците на Вардар Јуниор.
Вардар Јуниор: Василевски, Игнов, Еленин 2, Антевски 1, Симевски 6, Динев 1, Нанов 5, Јакимовски 1, Јаховиќ 2, Чупетрески 4, Талески, Камчев 1, Чакалиќ, Блажески, Стојановски, Тевдовски.