Шок во Могила. Вардар претрпе нов пораз, овој пат во Прилеп кај тимот на Победа со резултат 1:0 (0:0). Нашиот тим денеска делуваше многу слабо, во првиот дел не створи ниту една добра шанса за погодок, истото продолжи и во вториот дел, на крај, нашиот тим беше казнет за лошата игра и прими погодок. Сега Вардар е на минус девет од Шкендија и два натпревари помалку.
Првото полувреме во Могила помина без шанси, и двете екипи делуваа многу заспано, сем две шанси, Вардар не одигра ништо во првите 45. минути. Првата шанса на мечот Вардар ја имаше во втората минута преку Блажевски, ударот на нашиот крилен играч заврши крај голот на Победа. До втората шанса на Вардар се чекаше дури до 31. минута, Џигаури упати удар од 20-сетина метри но само во голманот Талески. Ова беше се што го направи Вардар во првиот дел, со резултат 0:0 се замина на пауза.
На стартот од вториот дел реагираше Јаневски, на местото на Вања Марковиќ во игра влезе Итало. Заспаноста на Вардар продолжи и во првите 15. минути од вториот дел. Победа во 60. минута имаше голема шанса преку Цветаноски, но ударот на овој играч одлично го одбрани Гачевски и спречи погодок за домаќините. Вардар првиот удар во вториот дел го испрати некаде околу 64. минута преку Итало но крајно непрецизно. Во 66. минута кај Вардар во игра влезе и Барсегјан на местото на очајниот денеска Џигаури. Лошата игра на Вардар беше казнета во 79. минута, Победа преку Илиевски со глава погоди во голот на Вардар. Во 80. минта кај Вардар во игра влезе и Стојков на местото на Попов. Во 85. минута Новак со глава биеше од корнер само покрај голот на Талески. Во 86. минута Победа имаше меч топка, но младиот Мирчевски со глава биееш само покрај голот од пет метри. Со резултат 1:0 заврши овој дуел, Вардар денеска не одигра ама баш ништо.