Вардар го загуби првиот натпревар од екипата на Рајн Некар, во рамките на квалификациите за пласман во групната фаза од ЛЕ. Вечерва во СЦ. Јане Сандански, црвено-црните беа убедливо поразени со резултат 25:34.
Натпреварот започна со одбрана на Томовски и погодок на Петриќ за отварање на резултатот, но до 9.минута од натпреварот Рајн Некар направи серија од 1:4 и имаше водство од 2:5, со погодокот на Колбахер. Следуваше период од десет минути во кои гостинот од Германија одржуваше предност која се движеше од 3-4 гола разлика, Апелгрен имаше четири одбрани. Вардар заигра подобро и полека ја топеше предноста на Рајн Некар, со головите на Николик и Лазаревски во 24 минута го израмнивме резултатот на 12:12. Противникот постигна два гола во серија за предност од 12:14, но Вардар имаше и напад за со предност да го заврши првиот дел. Со петтата одбрана на Томовски и погодокот на Срдановиќ успеавме да израмниме на 14:14, за во последниот напад Апелгрен да му одбрани удар на Лазаревски и да не дозволи Вардар на полувреме да има позитива.
Вториот дел започна со два последователни голови на Рајн Некар, за Вардар првиот гол да го постигне по пет минути игра преку Ѓукиќ. Во 40.минута германскиот претставник ја врати онаа највисока предност од четири гола разлика, резултатот на семафорот беше 17:21, што беше знак за Недановски да побара минута одмор. Продолжи серијата на Рајн Некар, за во 43 минута да имаат и предност од 17:24. Вардар не успеа да се врати во игра, а предноста на противникот само растеше. На крајот конечниот резултат гласеше 25:34.