Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Младински лиги > РК Преспа најголем фаворит за одбрана на трофејот во “Јуниор“ лигата кај генер. 2002/03, додека кај помладите родени 2004/05 улогата на фаворит ја има РК Бисинов

РК Преспа најголем фаворит за одбрана на трофејот во “Јуниор“ лигата кај генер. 2002/03, додека кај помладите родени 2004/05 улогата на фаворит ја има РК Бисинов

Во сабота и недела ќе продолжат натпреварите во ракометната “Јуниор“ лига. Ќе бидат одиграни и завршните, односно полуфинални и финални натпревари во машкиот дел кај генерацијата родени 2002/03 и 2004/05 година, по што ќе ги дознаеме и првите победници во оваа натпреварувачка сезона. Таму РК Преспа која е предводена од Иван Ангелковски го брани трофејот освоен од минатата сезона кај генерација родени “2002/03 година. Истава екипа е освојувач и на последното издание на турнирот “Вардар, еден живот, една љубов, што значи дека фаворитската улога во пресрет на завршниот турнир кај оваа генерација се препишува на екипата од Ресен. Патот нема да биде лесен, со оглед дека конкуренцијата е голема. Во оваа генерација учество на завршнот турнир обезбедија и екипите на РК Кале , РК Шампион и РК Делчево. Во првата сезона на “Јуниор“ лигава во оваа генерација во големото финале играа екипите на РК Преспа и РК Кале од Кичево, а поуспешен беше тимот од Ресен кој стана прв освојувач на “Јуниор“ лигата.

vardarfans-naslovna3-660x330

Избраниците на Ангелковски го освоија и зимскиот турнир, откако во големото финале го поразија РК Шампион, додека третото место беше за тимот на РК Кале. Најголем адут на Преспа е бекот Мартин Табаковски кој беше прогласен за најдобар играч и стрелец на завршниот турнир од минатата сезона, а исто така Мартин ја освои наградата за најдобар стрелец на завршниот турнир од турнирот “Вардар, еден живот, една љубов“ со 56 постигнати голови. РК Шампион го има тренерскиот тандем Чивлачки и Бадев, чие искуство може да биде од големо значење во пресрет на завршните натпревари, а како играч најголема опасност за противниците би требало да доаѓа од Стефан Кочаров, како и од нивниот голман Димитар Павловски. Талентирана генерација има и РК Кале, која ја предводи Ѓоко Маркоски, додека Делчево кој е предводен од Горан Велков е исто така незгодна екипа, која секогаш атакува на победи.

Полуфиналните двојки во оваа генерација се:

РК Кале – РК Шампион  10:00

РК Преспа – РК Делчево  12:00

Натреварот за третото место е закажан за во 14:00 часот, додека големото финале ќе се одигра од 15 часот. Сите натпревари се играат во недела.

Во недела ќе биде познат победникот и во машкиот дел кај генерација родени 2004/05 година. Тука несомнено најголем фаворит е ракометната школа Бисинов од Велес, под водство на Никола Бисинов. Тие се актуелен освојувач на оваа лига, како и на последните два турнири во организација на ракометниот клуб Вардар. Од тука најголеми шанси за освојување на првото место се даваат на Велешани, кои и оваа сезона играат одличен ракомет. Сепак и тука се очекува да гледаме неизвесни натпревари, со оглед на другите три екипи кои се пласираа на Ф4. Тука е екипата на Гостивар на Фари Селмани која го освои сребрениот медал на последниот зимски турнир, како и екипите на РК Илинден предводени од Дарко Јанев и РК Карпош на поранешната репрезентативка, Наташа Младеновска, сега Ѓорѓевиќ.

Тука полуфиналните двојки ги сочинуваат:

РК Гостивар – РК Карпош  12:00

РК Бисинов – РК Илинден  12:55.

Натреварот за третото место е закажан за во 16:00 часот, додека големото финале ќе се одигра од 16:50 часот. Не очекуваат интересни и возбудливи натпревари, каде секоја екипа ќе го даде својот максиум да се закити со златниот медал во двете возрасни генерации.