Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Парондо и Чупиќ: Сега можеме целосно да се насочиме кон дуелот со Монпелје
Парондо и Чупиќ: Сега можеме целосно да се насочиме кон дуелот со Монпелје

Парондо и Чупиќ: Сега можеме целосно да се насочиме кон дуелот со Монпелје

Вардар пред своите навивачи успеа да го победи Загреб и да стигне до 13.победа во СЕХА-лигата, со која се најде на врвот на табелата во ова натпреварување. Иако настапивме без неколку играчи, сепак на крајот го добивме дерби дуелот. Загреб даде силен отпор, имаа и подобар почеток на мечот, но Вардар повеќе ја посакуваше победата. На прес-конференцијата после завршување на мечот, пред медиумите се обрати Гарсија Парондо кој го изјави следново:

-Среќни сме за оваа победа, против добар тим каков што вечерва беше Загреб. Ова не беше наш најдобар натпревар, но се надевам дека во сабота против Монпелје ќе одиграме подобро. На почетокот на мечот не игравме добро, но успеавме понатаму да фатиме резултатски приклучок во мечот. Имаме уште три натпревари до регуларниот дел на сезоната пред нас и ќе се обидеме да ги искористиме за да се подготвиме на најдобар можен начин за она што нè чека на завршниот турнир.

Чупиќ истакна дека најважна е победата, а сега мислите ги насочуваме кон саботниот дуел од ЛШ.

-Натпреварите против Загреб никогаш не се лесни и често победникот го решаваат нијанси. Настапивме без неколку играчи, но најважно е што на крајот бодовите останаа во Скопје. Сега можеме целосно да се насочиме кон натпреварот закажан за сабота, против Монпејле. Честитки до екипата на Загреб, завршниот турнир ќе биде многу интересен и неизвесен.