Како увертира за саботниот дуел од Лигата на Шампионите против екипата на Монпелје, вечерва во С.Ц. Јане Сандански црвено-црните се домаќини на екипата на ППД Загреб, во рамките на 15. коло од СЕХА-лигата.
Двете екипи имаа тешки натпревари изминатиов викенд во најголемото натпреварување. Вардар славеше на гостувањето кај екипата на Кристијанштад, додека Загреб по голема борба загуби минимално на домашен терен од тимот на Фленсбург. Вардар и Загреб имаат по 36 освоени бодови и веќе се сигурни учесници на завршниот турнир во СЕХА-лигата. Ова ќе биде вкупно 23-сето меѓусебно соочување на двете екипи во ова натпреварување. Вардарци имаат позитивен биланс во мечевите со шампионот на Хрватска, успевајќи да добиеме 13 натпревари, додека Загреб има 8 победи, а еден натпревар завршил со нерешен резултат. Последниот меѓусебен дуел го добија хрватите и тоа во есенскиот дел од сезоната кога на свој терен славеа со резултат 26:23. За потсетување овие две екипи играа и во големото финале на Ф4 турнирот во СЕХА-лигата, минатата сезона, кој се играше во Скопје и заврши во корист на Вардар, кои во интересно и возбудливо финале славеа со резултат 26:24. Минатата сезона во регуларниот дел од сезоната исто така го совладавме противникот, многу поубедливо со резултат 30:23. Вардар има само еден пораз на домашен терен од утрешниот противник, а најубедливата победа на меѓусебните мечеви ја има токму нашиот шампион и тоа во два наврати пред својата публика, со идентичен резултат од 33:24.
Оваа сезона, екипата на ППД Загреб има само два порази и тоа на терените на противниците. Првиот беше уште на стартот од сезоната на гостувањете во Нашице, кај екипата на Нексе, додека вториот беше многу поубедлив, кога загубија во Прешов од екипата на Татран. Најдобар стрелец на тимот е капитенот Златко Хорват кој се наоѓа на високото 5.место со вкупно 65 постигнати голови, додека втор на оваа листа е Давид Мандиќ со 47 погодоци. Загреб оваа година има и нов тренер, Бранко Тамше кој беше поранешен стратег на Целје, на клупата го замени Лино Червар.
Вардар на последниот дуел во Шведска настапи без Вуко Борозан, а со мала повреда на рамото играше и Игор Карачиќ. Очекуваме да видиме со кој состав денес на теренот ќе излезе тренерот Гарсија Парондо, дали ќе се чуваат силите за саботниот меч, или со сите сили ќе го нападнеме Загреб. Интересно што овие две екипи, според моменталниот пласман на табелата во двете најсилни групи од ЛШ, се блиску да се сретнат меѓусебно и во осминафиналето од ЛШ, сепак се очекува разврската од последното коло, кога и ќе се знае дефинитвно нашиот противник во следната елиминациска рунда.
Натпреварот вечерва започнува од 20:15 часот, а сите кои купија билет за мечот со Монпелје, вечерва им следува и гратис влез за дерби мечот од СЕХА-лигата. За оние кои нема да бидат во сала, директен пренос ќе врши МРТ-1 и Арена Спорт 2.