Денес во С.Ц “Јане Сандански“ во Скопје се игра завршен Ф-4 турнир во Јуниор лигата за момци редени 2006 и 2007 година. Екипите на РК Урдаревски и РК Бисинов Вардар обезбедија финале во оваа категорија.
РК Урдаревски во полуфиналната средба се сретна со РК Будимир Вардар и обезбеди финале со победа од 4 гола предност, 19-15. Дуелот почна со почетни 1-1. потоа Урдаревски се одлепи на плус три на средината од првиот дел кога поведе со 6-3. Тие ја контролираа играта па на одмор заминаа со предност 10-6.
Во вториот дел момците на Будимир на самиот почеток со два врзани гола ја преполовија предноста на ривалот намалувајќи на 10-8. Врати нивниот ривал со иста мерка па си ја врати предноста од четири гола која ја имаше на полувремето, беше во тие моменти 12-8. До крајот се играше буквално гол за гол, пласманот во финалето РК Урдаревски го обезбеди со резултат 19-15.
Тимот на РК Бисинов Вардар со минимални, но доволни 10-9 обезбеди место во големото финале. Тие триумфираа во полуфиналната пресметка против РК Ангели. Дуелот почна со резултатска симетрија 2-2, потоа беше 3-3, 4-4 и на крајот 5-5. Во последните моменти момците на Бисинов беа повешти па со два гола го однесоа дуелот на одмор со предност од 7-5.
Ангели исто како и тимот на РК Бисинов Вардар го посакуваа финалето, тие дадоа максимум да се вратат во игра успеаа со серија 1-3 во вториот дел да изедначат на 8-8. Драматичен беше и финишот најпрвин на семафорот стоеше 9-9, еден гол го реши патникот во мечот за златните медали.