Ракометарите на Вардар ја започнуваат одбраната на титулата во СЕХА-лигата. Со мечот против Металург, кој на програмата е вечерва од 20:45 часот, започнува новата сезона во ова натпреварување.
Вардар како најтрофеен тим и оваа сезона е најголем претедент за освојување на првото место. Дебитанти во лигата се екипите на Железничар од Ниш и Стеауа од Букурешт, а покрај Вардар со најголеми шанси да се најдат на завршниот турнир се уште и екипите на ППД Загреб и Брест Мешков, додека неизвесна ќе биде борбата за четвртиот учесник.
Вардар пред една недела го победи тимот на Металург и тоа убедливо (33:24) во рамките на супер купот. После тој дуел отпатувавме на силен меѓународен турнир во Стразбур, каде за три дена одигравме три силни натпревари, на кои се случи и повредата на капитенот Стоилов, на кој нема да можеме да сметаме во наредните два месеци. Ниту еден натпревар во подготвителниот период не одигра ниту Игор Карачиќ, а под знак прашалник на денешниот дуел е настапот и на Вуко Борозан. Тренерот на црвено-црните, Парондо е на “слатки„ маки околу составување на екипата за вечерашниот дуел, но и покрај се Вардар е голем фаворит за победата. На другата страна, новиот тренер на Металург, Данило Брестовац за прв пат ќе има можност да ја води екипата на еден натпревар, откако го пропушти цел подготвителен период, поради настапите со кадетската и младинската ракометна репрезентација. Ништо изгледа нема од играчот кој се најавуваше како засилување, белгиецот Арбен Ќерими кој не ги договори сите услови со управата од Автокоманда, па Металург останува без овој играч.
Мечот ќе се одигра во С.Ц. Јане Сандански, на кој Металург ќе се води како домаќин на ова градско дерби на стартот од СЕХА-лигата. Очекуваме полна сала, на првиот натпревар на Вардар пред своите навивачи, поддршката е потребна за екипата, во моменти кога не сме комплетни, тоа го најави и Дибиров на прес-конфернијата во пресрет на мечот.