Ѓорѓи Кочов го води МЗТ Скопје, Дарко Радуловиќ се пробива на кошаркарската сцена, а Александар Јованчев го оствари најголемиот успех на една македонска селекција во 2018 година.
Заедничко за сите нив е дека се „производ“ на кошаркарската школа на Вардар која е најактивна последните години, а тие тројца се најекспонирани бидејќи не треба да се заборави Александар Ашаданов кој работеше како скаут во селекцијата М-16, Никола Данев кој е дел од проектот „заедно со М-16“ со репрезентацијата до 14 години или Срѓан Дамњановски кој е прогласен за најдобар тренер на женска екипа за 2018 година, а минатата сезона го водеше ЖКК Вардар.
Јованчев е прогласен за најдобар селектор на машка екипа во млади категории во Македонија за 2018 во изборот на МКФ, награда што ја заслужи со третото место на Б-Европското првенство во Сараево во кадетска конкуренција и пласманот во А-дивизијата.
Тој момент ја врати надежта на македонската кошарка, особено младинската која со години не можеше да оствари резултат на меѓународна сцена.
„Наградата најчесто заокружува една успешно завршена цел. Јас лично се радувам на неа, но многу повеќе чуствувам одговорност. Работата во младинските категории сама по себе е многу деликатна поради тоа што може да вложите многу труд и енергија, а на крај да не го добиете финалниот производ.
Се разбира, Јованчев нема да застане бидејќи го очекува работата со првиот тим на Вардар, а и следење на кошаркарите со кои настапи на шампионатот во Сараево. Тој резултат ќе остане длабоко врежан во неговото сеќавање.
„Засега 2018 е најуспешна година во мојата тренерска кариера и поради репрезентативните и поради клупските резултати. Не би сакал да зборувам за успесите во однос на освојување титули во малдинските лиги бидејќи тоа е тема која треба длабоко да се елаборира за да се види каде се замрсени конците.
Веројатно титулите треба да ги бараме во сениорските играчи што сме ги создале. Тоа е мојата и цел на КК Вардар каде се фокусиравме на неколку млади кошаркари со кои постојано работам на индивидуален и тимски план и кај кои има голем напредок.
Неколу од нив добија шанса да тренираат со сениорскиот тим годинава што за мене е од големо значење и ја одбележува годината кога станува збор за работата во мојот клуб. Ако некој сака да набројува, тогаш бевме сребрени и бронзени во М15 и М16 и се пласиравме во Прва лига со сениорскиот тим. Тоа се екипите во кои бев инволвиран.
Репрезентацијата имаше две цели: да извади перспективни играчи и да избори пласман во А дивизија. Сметам дека направив добар баланс за да ги остварам. Освојувањето на третото место беше круна на бајката која започна пред 3 години. Репрезентативниот успех е навистина неспоредлив со било кој на клупски план. Едноставно не може да се опише чувството, тоа е момент на кој вечно ќе се сеќавам“, заклучува Јованчев.
Извор- http://basketball.mk