Thursday ,25 April 2024
Последни:
Home > Uncategorized > Преглед 12.коло! ЖКК Вардар со убедлива победа, Начевска со дабл-дабл
Преглед 12.коло! ЖКК Вардар со убедлива победа, Начевска со  дабл-дабл

Преглед 12.коло! ЖКК Вардар со убедлива победа, Начевска со дабл-дабл

Поразот на освојувачот на Купот на Македонија, екипата на МЗТ Скопје Аеродром на домашен терен од полуфиналистот во ова натпреварување и актуелен шампион, Бадел 1862 (63:65) го одбележа 12 коло од Првата лига-жени.

По изедначената прва четвртина, со минимално водство на „аеродромки“, Бадел 1862 ја направи клучната предност во втората. До полувремето „баделки“ поведоа со (35:27). И таа разлика успеаа да ја задржат до самиот крај. Со помош која стигна од Матиеу која реализираше 19 поени, Димитријевиќ која постигна 17, и Маркоска, стрелец на 13 поени.

На другата страна, очигледно, недостасуваше една од најдобрите, Американката Џои Симонс. Нејзината сонародничка, Оливија Ли имаше 26 реализации во домашната екипа, Митрева  пак постигна 23 поени.

Поразот на новиот освојувач на Купот, е добредојден за екипата на Крива Паланка која беше далеку подобра до екипата на Гризли.

На свој терен славеше со повеќе од убедливи (94:62), па по 12 одиграни кола, има подобар ефект од МЗТ Скопје Аеродром (има службен пораз).

До новиот успех ги предводеше двоецот Шемека Мекнил, стрелец на 32 поени (и девет асистенции) и Михаела Алексовска која освен 25 поени додаде и десет додавања во својата индивидуална статистика. А одлични 15 поени за Крива Паланка, дојдоа и од Стоева.

Во екипата на Гризли, Плакај даде 15, Николовска имаше 11, а Тодевска уште десет поени.

Составот на Баскет Кам 2011 ја прекина мини-серијата на неуспешни игри со победа во Струга. Екипата од Македонска Каменица стигна до нималку лесен триумф (60:54), кој им дава комфорна предност од две победи (скор 10-2), во однос на двоецот Бадел 1862 и Вардар (двете по 8-4).

На дуелот во салата „Нико Нестор“, видливо беше „враќањето“ во тимот на Димова, која реализираше 17 поени (имаше и пет скока), одлична игра прикажа и Милованова која заврши со 15 поени и пет скока, а двоен број на поени – 10 имаше и Тасевска. Во домашната екипа, Ли и Зендели дадоа по 14, Стојаноска пак постигна 11 поени.

Убедлив настап, и висока победа реализираа кошаркарките на Вардар, и тоа во дуелот со последнопласираниот Пробаскет (93:51).

Го одбележи одличната игра на новата сениорска репрезентативка, Ања Начевска. Реализираше висок дабл-дабл ефект изразен со 32 поени и 17 скока, одлично следена од Зафировска која мечот „Под Кале“ го заврши со 25 поени и пет скока. А Милица Јовановиќ даде 24 поени во поразената екипа.

Во сегментот „Б“, со победата над екипата на пониква 2022, делчевски Патриот 2016 ја презема водечката позиција на табелата (скор 13-1) и обезбедено место во бараж-средбите кои следуваат по крајот на регуларниот дел.

Во пресрет на последните две кола, екипата од Делчево има две победи повеќе во однос на Шкупи (во ова коло беше слободен), и за место во Првата „А“ лига, се поизвесно ќе игра квалификациски мечеви со осмопласираната екипа од Првата „А“ лига, кавадаречки Пробаскет.

ПРВА „А“ ЛИГА-ЖЕНИ

РЕЗУЛТАТИ 12. КОЛО

Крива Паланка – Гризли            94:62

Струга 2009 – Баскет Кам 2011           54:60

Вардар – Пробаскет        93:51

МЗТ Скопје Аеродром – Бадел 1862 63:65

ТАБЕЛА: Баскет Кам 2011 22, Бадел 1862 20, Вардар 19, Крива Паланка 19, МЗТ Скопје Аеродром 18, Струга 2009 17, Гризли 15, Пробаскет 12;

ИДНО КОЛО (11.03)

Струга 2009 – Крива Паланка

Пробаскет – Гризли

Баскет Кам – МЗТ Скопје Аеродром

Бадел 1862 – Вардар

ПРВА „Б“ ЛИГА-ЖЕНИ

РЕЗУЛТАТИ 16. КОЛО

Патриот 2016 – Пониква 2022 87:46

Јанбор – Пелистер           53:21

Гостивар – Спорт Тим     66.38

Куманово 2020 – Ринија 74:28

Шкупи – слободен

ТАБЕЛА: Патриот 2016 27, Шкупи 25, Јанбор 24, Гостивар 2009 21, Пониква 2022 21, ЖКК Куманово 2020 21, Пелистер 21, Риниа 15, Спорт Тим 14;

ИДНО КОЛО (11.03)

Риниа – Гостивар

Спорт Тим – Јанбор

Пелистер – Патриот 2016

Пониква – Шкупи

МКК Куманово –  слободен