Friday ,22 November 2024
Последни:
Home > ЖРК Вардар > Дали овој ЖРК Вардар е “зрел“ за европска титула
Дали овој ЖРК Вардар е “зрел“ за европска титула

Дали овој ЖРК Вардар е “зрел“ за европска титула

Вардарки во новата сезона, која е нивна вкупно четврта во лигата на шампионите ќе “бркаат“ нова среќа да се стигне до европската круна. Претходниве три години, треттото место беше највисокото до кое нашиот тим успеваше да стигне во најголемото ракометно натпреварување. На два пати Будуќност ни ја скрати можноста да играме едно големо финале, додека за изминатава сезона најпријатното изненадување, екипата на ЦСМ Букурешт беше “кобна“ за Вардар до патот кон финалето. Кога ќе се направи едно резиме ќе се заклучи дека и ова е големо достигнување за екипа која започна од почеток да се гради. Можеби во првата сезона, откако клубот го презема господинот Сергеј Самсоненко, црвено-црните беа најблиску до пласманот во финалето, но црнагорките тогаш беа посреќни во двете продолженија. Сепак како одминуваа годините и овој синдром наречен Будуќност успеавме да го поминеме, кој претходно беше несовладлива пречка. Најпрво во сезоната која измина за прв пат успеавме пред нашата публика да ја победиме силната екипа на Драган Аџиќ, за потоа и во борбата за третото место на завршниот турнир во Будимпешта, повторно да бидеме подобри од нив. Падна и еден голем Ларвик, кој наназад години важи за една од најсилните европски екипи и тоа повеќе од убедливо на оној четвртфинален меч во Јане Сандански. Тоа докажува дека можеме рамо до рамо да се носиме со секој и нема веќе противник кој неможе да биде совладан.

За натпреварувачката сезона 2016/2017 влегуваме со нови надежи за уште подобри игри и резултати и поголеми достигнувања од претходните. Секако примарната цел е да се пласираме на турнирот на четирите најдобри екипи во Будимпешта. Во новата сезона влегуваме и со нови сили, односно засилувања кои ќе пристигнат на подготовките на екипата, кои започнуваат на 1-ви август. Како што е веќе познато клубот официјализираше четири нови засилувања, кои би требало да го подигнат нивото на игра во секој правец на ракометната игра.

Голманската позиција која можеби беше најсилна во редовите на Вардар изминативе три години со Суслина и Лејно, ќе биде засилена со уште едно голманско име и тоа од редовите на актуелниот европски првак. Мајса Песоа, личноста која донесе титула за својата екипа, откако во пенал серијата на финалниот меч против Ѓер успеа да скроти три удари од седум метри. Се работи за репрезентативка на Бразил, со кој има освоено злато на светското првенство во 2013 година. Не треба да се сомневаме дека ова ќе биде повторно најсилната “алка“ во играта на Вардар, а поговорката добар голман е половина екипа сега звучи помоќно за нашиот состав, кој на располагање ќе има три одлични голмани. Најголеми промени во екипата по завршување на сезоната претрпе левата крилна позиција. Таму веќе Маја Зебиќ и Итана Грбиќ не се повеќе членови на Вардар, а на нивно место стигнуваат Тамара Мавсар и Камила Харем. Мавсар е репрезентативка на Словенија која пристигнува од екипата на Крим. Можеби најзвучното име во новата сезона ќе биде Норвежанката Камила Херем која настапува на истава позиција. Таа е првата скандинавка која доаѓа во редовите на нашиот ракомет шампион. Големи достигнувања, како на екипен така и на репрезентативен план се поврзани зад нејзиното име. Има освоено многу медали, или вкупно седум со својата репрезентација од европските и светски првенства, како и од олимписките игри. Повеќе од 450 гола  за својата селекција, каде има забележано 175 настапи. Инаку доаѓа од Данското првенство, од тимот на Холстебро. Мавсар и Херем треба да донесат свежина во екипата и новитети на таа крилна позиција. Вардар во изминатиов период се засили и на бековската позиција и тоа со уште едно звучно име. Александра Лакрабер ќе биде поддршката за Лазовиќ и Кликовац на десната позиција, која треба да донесе повеќе голови од таа позиција, која изминативе сезони можеби беше најслаба. Лакрабер пристигна како еден од најдбрите стрелци од првенството на Франција, играјќи за екипата на Ница. Има искуство од лигата на шампиони, настапувајќи за Звезда Звенингород од Русија.

До овој момент ова се сите играчи кои клубот официјално ги потврди како нови засилувања за следната сезона. Од Вардар си заминаа Сираба Дембеле, Итана Грбиќ, Маја Забиќ и Олга Черноиваненко. Најголем дел од екипата се задржа во клубот, засилен со гореспоменатите играчи. Дали Вардар дополнително ќе се засилува ќе покаже наредниот период, а таму нема многу време бидејќи на први август стартуваат подготовките на црвено-црните. Првите неколку денови ќе се одвиваат во Скопје, а потоа заминуваме да собираме нови сили во Терме Зрече (Словенија). Веќе е потврден настапот на турнирот “Винко Кандија“ во Словенија, каде е познат распоредот на одигрување мечеви. Сите се надеваме на една добра сезона, која би донела новитети во играта на нашиот шампион и секако можност за прва европска титула.