Saturday ,20 April 2024
Последни:
Home > ЖРК Вардар > Куманово и Вардар Јуниор втор пат сезонава одиграа со идентичен нерешен резултат, во дербито на женската кадетска лига
Куманово и Вардар Јуниор втор пат сезонава одиграа со идентичен нерешен резултат, во дербито на женската кадетска лига

Куманово и Вардар Јуниор втор пат сезонава одиграа со идентичен нерешен резултат, во дербито на женската кадетска лига

Вечерва во спортската сала на ОУ Хр.Т. Карпош се одигра дербито во женската кадетска лига, помеѓу екипите на Куманово и Вардар. И овој дуел како и првиот одигран во Скопје, заврши со нерешен идентичен резултат (26:26).

Откако на стартот од натпреварот се играше гол за гол, домашниот тим беше првиот кој успеа да се одлепи и со три сврзани погодока да поведе со 6:3. Куманово до крајот на првиот дел постојано имаше водство и контрола на резултатот. Вардарки најмногу што успеаа да намалат беше на два гола негатива (8:6), додека противникот во еден дел од првиот дел имаше и највисоки пет гола позитива (12:7). Иако избраничките на Драгана Ристова пред крајот намалија на 13:10, сепак му дозволија на Куманово со нова мини серија од два гола до истекот на првите 30 минути, да ги врати оние пет голови предност и на одмор да замине со резултат од 15:10.

Интересно беше и во второто полувреме, во кое Вардар постојано “бркаше“ негатива, но ниту во еден момент не се откажаа во желбата да освојат бодови на ова тешко гостување. Следиме серија на црвено-црните од 1:5, со која успеаа да се доближат на само еден гол разлика зад противникот (16:15). Куманово уште на неколку наврати се одлепи на три гола разлика (20:17 и 21:18), но Вардар секогаш успеваше да намали и да не дозволи победникот да биде решен предвреме. Во последните шест минути од мечот се влезе во неизвесна завршница. Противникот беше многу поблиску до победата, кога на две минути пред крајот имаа два гола предност (26:24), сепак големата желба и победничкиот менталитет му донесоа на Вардар два последовални голови, со кои на крајот успеа да го израмни резултатот, за конечни 26:26.

Вардар ја имаше расположената Андреа Седлоска која успеа да постигне дури 9 голови. Кај Куманово, Јована Кипријановска постигна 10 голови. Токму Куманово и Вардар се најголеми претеденти за пласман на завршниот турнир во кадетската лига.

Вардар: Трајковска, Арсовска, Гроздановска, Дамјановска 1, Ѓорѓиевска 2, Петковска 2, Грујовска, Софтовска, Наскоска, Џатевска, Костовиќ 3, Миноска 1, Седлоска 9, Коларовска 4, Јаковчевска, Талевска 4.