Младинките на ракометниот клуб Вардар ја забележаа третата пролетна победа, откако беа подобри од екипата на РК Бисинов од Велес. Овој меч се одигра на Кале и заврши со убедлив триумф на Вардарки од 40:14.
Избраничките на Билјана Пецевска одлично го започнаа овој дуел и веќе по пет минути игра имаа предност од 6:0. Конечно гостинот на овој дуел успева да го постигне својот прв гол, на кој Вардар одговори со серија од пет погодоци за веќе двоцифрена предност од 11:1. На шест минути пред крај на првиот дел имаа водство и од 15:2, за до полувреме истото да го зголемат и на 19:3.
Ништо ново не се случуваше ни во второто полувреме, црвено-црните беа тие што го диктираа темпото на игра и го контролираа резултатот. Нападот функционираше на високо ниво, додека одбраната не дозволуваше поголеми опасности кон нашиот гол. Голманките Мицевска и Костовска добија подеднаква минутажа на нашиот гол. На стартот на второто полувреме веќе имавме високи 24:4. Утеха за гостите е што успеаа да постигнат повеќе голови во вторите 30 минути. Конечниот резултат говори за супериорноста на Вардарки на теренот.
Најфикасна во нашиот состав беше Тина Тодоровска со 9 погодоци. Моника Георгиевска постигна 7, додека Ива Божиноска и Ана Иванова 5 голови.
Жрк Вардар: Мицевска, Костовска, Божиноска 5, Николовска 2, Белимова, Стојмановска 4, Карчева 2, Лазаревска, Георгиевска 7, Станиќевска 2, А. Тодоровска, Пецевска 2, Т. Тодоровска 9, Филипоска 1, Иванова 5, Спасовска 1.