Sunday ,08 September 2024
Последни:
Home > ЖРК Вардар > Нацева за Вардарфанс: ЖРК Вардар има три спонзори, цел стручен штаб го задржавме, имаме визија за големи успеси
Нацева за Вардарфанс: ЖРК Вардар има три спонзори, цел стручен штаб го задржавме, имаме визија за големи успеси

Нацева за Вардарфанс: ЖРК Вардар има три спонзори, цел стручен штаб го задржавме, имаме визија за големи успеси

ЖРК Вардар во новата сезона 2020/2021 ќе функционира различно од претходно, тимот сега е засебен субјект. Истиот има ново раководство, спонзори, но ги задржа поголем дел  од играчите кои се претежно репрезентативки и целиот стручен штаб. Во раководната структура се искусниот тим од претходно. Гордана Нацева е претседател на тимот, долгогодишната репрезентативка, капитенот на Европскиот првак, Кометал ЃП и искусниот спортски работник е на чело на проектот. Токму со неа Вардар фанс ви носи интервју околу новините во ЖРК Вардар.

Женскиот тим оваа сезона започна нов пат, засебен субјект и со ново раководство. Нацева на почетокот ни ги открива целите, визиите и зацртаниот план на тимот.

ЖРК Вардар од оваа сезона функционира комплетно самостојно. Успеавме да го консолидираме клубот и да се адаптираме на новите околности кои во последно време се случуваа околу РК Вардар, за кои ракометната јавност веќе е добро информирана и запознаена. Амбициите на клубот се освојување на националното првенство и Купот на Македонија. Секако нема да биде лесно, но целта мора да биде поставена високо, за сите нас во клубот, играчите стручниот тим и раководството. Она на што ние сме фокусирани во клубот е со максимално квалитетна работа на стручниот тим, создавање на квалитетни играчи, идни репрезентативки на Македонија, во сите категории.

Тимот има спонзори кои му дадоа шанса да продолжи да функционира и да се надградува. Нацева ни го појаснува тој дел околу новостите и дава своја визија, како искусен спортски работник за она како треба да функционира тимот на тоа поле.

naceva3

Во моментот клубот има три стабилни спонзори. Ја користам приликата да им се заблагодарам, помогнаа во најтешките моменти на клубот, тоа не се заборава, не мотивира, но исто така создава дополнителна одговорност на сите нас кои сме во клубот, да ги оправдаме очекувањата. Од срце зе заблагодаруваме посебно имајќи ја во предвид состојбата во која се наоѓа целиот свет, каде многу малку се мисли на спортот од објективни причини, а посебно е во тешка состојба со женскиот спорт во нашата држава. Потребни ни се уште спонзори за кои верувам дека ќе ни се приклучат и ќе ни ја дадат поддршката која сега ни е исклучително потребна. Моето размислување за стабилно функционирање на клубот е мотивирањето на повеќе спонзори со помалку средства, кои се во состојба да ги одвојат за спортот, да обезбедиме буџет кој ќе гарантира реализирање на плановите на клубот и сите заедно да се обединиме во идејата за создавање на силен женски клуб достоен репрезент на македонскиот женски ракомет.

Со гордост потенцира дека во „новиот ЖРК Вардар“ успеа да се задржи целата стручна фела од изминатата сезона. Покрај задржувањето на стручните кадри поголем број од девојките, околу 40-сетина се на располагање во двата женски тима.

Што се однесува до стручниот тим, задоволни сме што успеавме да го задржиме тимот кој со ракометарките работеше и во изминатиов период. Позицијата тренер во сите спортови е исклучително важна и ние сме свесни дека само квалитетни и искусни тренери, максимално посветени на тимот, но истовремено високо мотивирани можат да создават квалитетни играчи и личности. Затоа со гордост можам да кажам дека сите тренери кои се дел од ЖРК Вардар вклучително со координаторот на сите категории имаат повеќе од 1000 настапи за репрезентацијата на Македонија. Пецевска-Ристова, Царчев, Платон, Папуџиева и координаторот и генералниот секретар Кастратовиќ се тимот кој ќе работи со околу 40 ракометарки. Сите тие долго време работат заедно и се чуствува добрата атмосфера меѓу нив, која верувам дека ќе се пренесе и на теренот меѓу играчите. Тренерите ќе соработуваат и ќе си помагаат секојдневно се со цел максимално искористување на нивниот потенцијал и искуство, во функција на што подобра стручна работа со играчите. Веруваме во нив и во нивната работа.

Црвено-црниот женски ракометнен тим е преполн со репрезентативки и девојки кои „чукаат“ на вратата на селекциите. Ние имаме голем потенцијал, нешто што е една од најважните цели за овој тим.

naceva4

ЖРК Вардар има извонреден потенцијал во младинскиот тим. Тоа е посебен предизвик за сите нас, тие млади ракометарки  да бидат основата на репрезентацијата на Македонија која ја очекуваат настапи на меѓународен план и достоинствено претставување на нашата држава. Многу очекуваме од таа генерација.

Вардар се осамостои како бренд од машкиот тим, прашање беше каде ќе ги игра мечевите во иднина. Нацева даде одлични вести за ова наше прашање.

ЖРК Вардар успеа да ја задржи базата, односно СЦ “Јане Сандански”-Скопје но исто така дел од термините за тренинг ќе се одржуваат и во училиштето “Круме Кепески”.  За што сме благодарни за поддршката и разбирањето на одговорните луѓе во општината и училиштето.

Пред 18 години со Кастратовиќ заедно станаа европски шампиони со Кометал ЃП. Последниве години заедно соработуваат во Вардар, за врската да продолжи и во иднина. Побаравме одговор за тоа колку знаење и непроценето искуство им го пренесуваат на младите ракометарки, дали Македонија може еден ден да добие повторно Европско женски шампион. Нацева е претседател на клубот, Кастратовиќ е директор и координатор на овој проект.

naceva

Со Индира соработувавме уште од самиот почеток на проектот Вардар каде што со гордост можам да кажам дека се почна од женскиот тим во 2012 година. Во тој период ЖРК Вардар 5 пати учествуваше во FINAL FOUR на Лигата на шампионите. За жал не успеавме да станеме шампиони. Ја користам приликата да се заблагодарам на господинот Сергеј Самсоненко и неговото семејство за времето, енергијата и средствата вложени во проектот Вардар. Долгорочно гледано овој Вардар посакува да се врати на тие патеки, а зошто не и реализирање на таа неоставрена цел. Соработката со Индира продожува и сега на мое големо задоволство. Нашето заедничко искуството стекнато на ракометните терени се надевам дека ќе успееме да го пренесеме на сите во клубот.

Нацева за крајот на интервјуто ни упати една порака, која со особена гордост ја примивме. Комплиментите ни значат, особено од ваков врвен калибар на спортски работник, капитен на Европски првак и долгогодишна македонска репрезентативка.

За крај сакам на вас како медиум да ви оддадам посебно признание. Вардар фанс неуморно без разлика на условите, ситуациите и можностите- несебично се залагате за афирмација на брендот Вардар, тоа е факт кој треба да се потенцира- завршува Нацева.

Михајло Тушевски