Младинките на ракометниот клуб Вардар го добија големото дерби против екипата на Металург, како увертира на она што ни следува на завршниот турнир, каде овие две екипи повторно ќе се судрат за трофејот. Во малата сала на спортскиот центар Јане Сандански се одигра натпреварот од 12 коло, на кој црвено-црните беа подобри од тимот од Автокоманда. Сосема заслужено победа, ако се знае дека во целиот натпревар имавме водство и го контролиравме резултатот. На моменти Металург се закануваше кон нашата предност, но Вардарки покажаа дека се подобра екипа и на крајот го добија овој меч. Конечниот резултат гласеше 20:16. Една од најдобрите ракометарки на Вардар, Анастасија Николовска овој меч го заврши со четири постигнати голови.
-Игравме тимски и се боревме заедно, одбраната беше клучна за победата. Бевме доволно мотивирани што не дозволивме ниту еднаш противничката екипа да го има водството во нивна полза. Се спремавме повеќе време за да го добиеме овој натпревар на домашен терен и да ги исполниме зацртаните цели засега. Немавме никакви предрасуди, само бевме сконцетрирани да го одиграме она што го знаеме, со што победата сама дојде до подобриот. Самодовербата ни е на највисоко ниво, се спремаме за наредните натпревари и се надеваме на повторно сретнување во финалето, изјави Анастасија Николовска за Вардар Фанс.
Звонко Ивановски