Денес започнува Женската сениорска лига, во 1.коло од сезоната 2020/2021 попладнево ЖРК Вардар гостува кај тимот на ЖРК Стружанка. Со оваа прва рунда го започнуваме првенството во кое имаме измени од ланскиот состав, заминаа седум играчи од бековската линија дојдоа пет нови имиња. Разговараме со тренерот на црвено-црните, Драгана Ристова.
Најпрвин за тимот кој е составен и кој ќе биде вклучен во битката во сениорската лига оваа натпреварувачка сезона.
За време на паузата, нашиот тим претрпе многу измени, комплетно се смени, имаме нови девојки со кои треба стрпливо да се вклопат во нашиот систем на работа. Сепак се тоа ракометарки кои имаат потенцијал и јас верувам комплетно во сите девојки, дека ќе успеаат да ги исполнат задачите кои ќе им бидат поставени-вели кормиларот на црвено-црните.
Подготовките беа приказна за себе, Ристова ги собра девојките по речиси 4-5.месеца пауза заради пандемијата. Се работеше по посебни протоколи кои додатно го усложнуваа процесот на подготовката на тимот за постигнување натпреварувачка форма.
Подготовките минаа според планот и програмата кои ни беа зацртани. На истите немавме никакви проблеми со повреди, паузата од половина година поради пандемијата остави трага кај сите тимови, секако дека се почуствува и кај нас. Но задоволна сум од тоа како девојките тренираа, сработеа и напредуваат од ден во ден, од почетокот во август се до сега до оваа фаза, кога ги започнуваме дуелите во сениорската лига.
-За крај побаравме очекување од вардаровиот тренер за сезоната која започнува ова попладне со гостинскиот дуел во Струга.
Околу очекувањата за престојната сезона, мислам дека повторно ќе бидеме некаде на врвот од табелата во Женската лига. Ние како тим имаме квалитет и се надевам дека сме кадарни истото да го оствариме. Јас верувам во овие девојки-завршува Ристова.
Михајло Тушевски