Денес со почеток од 17:30 часот во С.Ц. Јане Сандански, нашиот женски ракометен шампион ќе го одигра последното коло од првата групна фаза во лигата на шампиони. Противник е една од најтрофејните екипи на Хипо од Австрија. Во рамките на второто коло кое се играше на теренот на Хипо, Вардарки без поголеми проблеми забележаа убедлива победа. Резултатот од тој меч гласеше 25:38, на кој дури четири наши ракометарки имаа постигнато по исто толку голови. Дамњановиќ, Лекиќ, Ристовска и Сокач беа најефикасни за нашиот состав. Српската репрезентативка Дамњановиќ на последниот натпревар против Ѓер се здоби со повреда, поради која ќе го пропушти мечот со Хипо. Во составот би требало да се врати крилото Сара Ристовска.
Ова е натпревар кој нема никакво резултатско ни бодовно значење за двете екипи. Веќе е јасно дека во следната групна фаза, Вардарки ќе пренесат четири бодови од победите против Митјиланд. Хипо од поодамна ги загуби шансите за пласман во следната рунда и најверојатно оваа сезона ќе ја заврши без триумф. Сепак од таборот на Жрк Вардар најавуваат максимална борба на овој дуел и остварување на нов триумф. На прес-конференцијата тренерот Кастратовиќ најави дека шанса за игра ќе добијат ракометарките кои на претходните дуели немаа голема минутажа. Тука сигурно се мисли на Ихнева, Сокач, Човиќ и младата Ристовска.
Ве очекуваме да дојдете во С.Ц. Јане Сандански и да ја дадете поддршката на нашите девојки, кон уште еден триумф со кој би ја заокружиле првата групна фаза.