Екипата на ЖРК Вардар рутинирано стигна до својата трета победа во групата Ц од лигата на шампиони. Во спортскиот центар Јане Сандански, црвено-црните беа подобри од екипата на Астраханочка, што е втор триумф за недела дена преотив овој противник. Ова беше деби победа и за Давид Дејвис на клупата на нашиот шампион.
Натпреварот со голови го отворија Пенезиќ и Радичевиќ за предност од 2:0. Првиот гол, Астраханочка го постигна во 5 минута, за веќе во следниот напад Постнова да го израмни резултатот на 2:2. Следуваат нови погодоци на Пенезиќ и Радичевиќ за враќање на оние два гола предност. Мајса Песоа одлично започнува на нашиот гол, забележувајќи ја третата одбрана што и овозможува на Хмирова со својот прв гол да зголеми на 6:3 по 10 минути игра. На позицијата лево крило започна Тамара Мавсар, која го постигнува својот втор гол за одржување на водството. Во противничката екипа, Постнова е најрасположен играч на теренот постигнувајќи половина од погодоците на својот тим за намалување на 8:6. Во наредните минути следува серија на Вардарки од 3:0. Вардар ја има одличната Радичевиќ која го постигнува петиот гол и во 16 минута ги враќа највисоки четири голови предност (10:6). Пенезиќ успева да донесе предност на Вардар од 11:6 во 18 минута.Оваа разлика ја одржувавме до 23 минута, кога Алтхаус зголемува на високи 14:8. Песоа продолжува со одбрани на голот на Вардар, таа стигнува до 7 одбрани, додека Радичевиќ со својот шести гол му носи водство на Вардар од најголеми 15:8. Во игра влегува и Лекиќ која успева да се запише во листата на стрелци. До крајот на првиот дел, Астраханочка намалува на 18:13, што беше резултат на полувреме.
Одлично го стартувавме вториот дел и со првиот погодок на Херем го отвараме овој дел од мечот. Радичевиќ со својот седми гол ги враќа оние седум голови разлика 20:13. Вардарки продолжуваа со добрата игра, нашите крила се супериорни од своите позиции. Херем и Радичевиќ продолжуваат да ја полнат противничката мрежа. Во 42 минута за прв пат имаме двоцифрена предност од 28.18. Во второто полувреме на голот застанува Лејно, која ја бележи својата втора одбрана. Пенезиќ со удар од седум метри зголемува на убедливи 30:19. Први голови и за Лакрабер, Ристовска и Кликовац на овој меч за зголемување на водството. Последните десет минути беа чиста формалност за нашиот ракометен шампион, кој само го зголемуваше водството. На крајот конечниот резултат гласеше 39:25.
Најефикасна во нашиот состав беше Радичевиќ со 9 голови. Вардар до утре е на првата позиција на табелата, во очекување на мечот Лајпциг-ФТЦ Будимпешта.