Викендов се комплетираше третото коло во главната групна фаза од лигата на шампиони во женска конкуренција. Вардарки со победата против Савехоф во спортскиот центар Јане Сандански се искачија на треттото место на табелата со вкупно 8 освоени бодови. Одлично издание за црвено-црните, кои го контролираа натпреварот и на крајот обезбедија висок триумф. На првото и второто место со ист број на бодови 11, се наоѓаат екипите на Будуќност и Ѓер.
Будуќност ја потврди фаворитската улога на гостувањето во Икас и забележа убедлива победа против екипата на Митјиланд. Конечниот резултат на овој натпревар гласеше 18:28. Освен во првите 5 минути кога домаќинот имаше предност од 2:1, остатокот од натпреварот помина во доминација на Европскиот првак. Набрзо успеаа да направат серија од четири последователни голови и да поведат со 2:5, додека во 18 минута имаа водство од 3:7. Оваа разлика успеаа да ја одржат до крајот на првото полувреме, кога на одмор се замина со резултат 9:13. За одбележување во овој период на играта е црвениот картон на голманот на Будуќност, Марта Ждериќ која мораше пред време да го напушти теренот. На почетокот на второто полувреме, Будуќност стгигнува до највисоките 5 голови разлика, како одминуваше натпреварот предноста се повеќе растеше, за на крај да биде и двоцифрена. Булатовиќ и Неагу беа најефикасни со 7 постигнати голови.
Триумф во ова коло забележа и екипата на Ѓер, која сепак со мали проблеми во текот на мечот успеаа да го скрши отпорот на ЦСМ Букурешт. Иако мора да се напомене дека во текот на целиот натпревар Унгарките имаа водство. Во 20 минута имаа водство од 10:7, кое го задржаа до крајот на првото полувреме. Резултатот во овој дел на дуелот гласеше 12:10. Во второто полувреме Букурешт даваша силен отпор и не дозволуваше пред време Ѓер да го реши победникот на овој дуел. Сепак квалитетот на домаќинот се посилно доаѓаше до израз, па Романките не можеа да ги запрат налетите на Ѓер, кој во 50 минута имаше водство од 21:16. Последните десет минути се играа гол за гол на двете страни, а Унгарскиот вицепрвак умешно ја одржи стекнатата предност, за конечен резултат од 28:22. Најефикасна кај Шер беше Грот со 6 и Аморим со 5 погодоци.
После ова одиграно коло, вака изгледа табелата во главната група 2:
1. Будуќност 11
2. Ѓер 11
3. Вардар 8
4. ЦСМ Букурешт 7
5. Митјиланд 5
6. Савехоф 0
До крајот остануваат уште три натпревари за играње. Следниот меч за Жрк Вардар е на 16-ти февруари во Романија, против тимот на ЦСМ Букурешт. Потоа следи мечот на домашен терен со Будуќност и затвраме на гости против Савехоф.