Вардар со победа ја отвори новата сезона во лигата на шампионите. Во С.Ц. Јане Сандански вечерва го победивме тимот на ФТЦ Будимпешта со резултат 34:31.
Натпреварот со гол го отвори Андреа Лекиќ, за во следните осум минути да се игра гол за гол на двете страни. Кај црвено-црните најчесто погодуваа Цвијиќ, Лекиќ и Пенезиќ. Во 9 минута за прв пат имавме предност од два гола (6:4), а најзаслужна за водството беше Амандин Лејно која стигна до својата трета одбрана. Предноста на Вардар од два гола се стопи во 17 минута, кога ФТЦ Будимпешта го израмни резултатот на 10:10. Имаше можност Радичевиќ да погоди, но нејзиниот удар го одбрани противничкиот голман, што им овозможи во следниот напад на гостите да го израмнат резултатот.
Сепак до крајот на првото полувреме на теренот играше само една екипа, а тоа беѓе нашиот Вардар. Избраничките на Дибирова заиграа поцврсто во одбраната, а погодувавме во брзи контра-напади за да направиме серија од неверојатни 8:0. Стрелците во нашиот состав се редеа како на филмска лента. Погодуваа Цвијиќ, Пенезиќ, но и нововлезената Ристовска, како и Чанадија, откако ФТЦ се реши да игра без голман.
Тоа скапо ги чинеше, па лошата серија ја прекинуваат дури во 26 минута кога за момент намалија на 18:11, што се покажа како последен нивни гол во првите 30 минути. Вардарки продолжија фуриозно и го затворија првото полувреме со нов гол од контра-напад на Чанадија, за на полувреме да имаме убедливи 20:11. Мора да се истакне добрата и борбена игра на нашиот шампион, а пред се играта на Драгана Цвијиќ која изгледаше надмоќно на теренот. Речиси беше незапирлива во нападот, а противничките играчи се обидуваа на секаков начин да го запрат пикерот на Вардар.
На стартот на второто полувреме проследивме по еден гол на двете страни, а во следните пет минути, екипата од Унгарија успева со голот на Снелдер да намали на само шест гола негатива (23:17). Ова беше знак за нашиот тренерски тандем да повика минута одмор. Сепак не му требаше многу време на нашиот шампион да ја врати препознатливата игра од првиот дел и во 40 минута ги врати највисоките девет гола (30:21) со погодокот на Драгана Цвијиќ. Лејно продолжи со одбрани на нашиот гол, а Цвијиќ да го полни противничкиот гол, за во 47 минута за прв пат да имаме двоцифрена предност од 31:21. На голот застана и Ина Суслина, која веднаш стигнува до своите први одбрани. Поради наши грешки им дозволивме на ФТЦ да се разиграт и да намалат на шест гола негатива (34:28) во 57 минута. Несфатлив пад во нашата игра што му овозможи на ФТЦ на крајот да стигне до достоен пораз од 34:31.
Кај Вардар најефикасни беа Цвијиќ и Лекиќ кои постигнаа по 7 голови. Да не беше падот во последните десет минути ќе забележавме многу поубедлива победа