Рутинска победа на Вардарки, кои очекувано славеа во дуелот со екипата на Битигхајм. Со овој триумф го потврдивме првото место во групата, а не очекува уште еден дуел во главната рунда, тој е оној против Будуќност во Подгорица. На прес-конференцијата после завршување на мечот, Дибирова изјави дека е остварена примарната цел.
-Ја остваривме нашата цел и го постигнавме пласманот кој го посакувавме во групната фаза. Не ни требаше голема разлика, туку едноставно ни требаше победа. Ова беше тежок дуел поради тоа што моравме да ја сработиме задачата. Ни претстои уште средба во Црна Гора и сега можеме да го чекаме нашиот ривал во четврт-финалето.
Шанса за игра во второто полувреме доби Сара Ристовска, која го заврши дуелот како втор најдобар стрелец, со 4 постигнати голови.
-Среќна сум бидејќи ја исполнивме целта и останавме на првото место во групата. Пресреќна сум и поради тоа што сите добивме шанса за да играме и да ја искористиме довербата која што ја добивме од тренерите. Ни останува уште средба против Будуќност, а потоа имаме кратка пауза во која можеме да ги оладиме главите и да се подготвиме за четврт-финалето.