Нашиот женски ракометен шампион денес го игра претпоследното коло во главната рунда од лигата на шампиони. Вардарки ќе гостуваат во Франција на екипата на Мец во обид да им се врати на победите во ЛШ. На првиот натпревар одигран во Скопје, избраничките на Давид Дејвис славеа победа со резултат 23:21. Шампионот на Франција се покажа како “тврд“ орев на тој дуел, иако во еден момент водевме со шест голови разлика, на крајот работите се искомпликуваа кога противникот имаше напад за израмнување и ја погоди пречката од нашиот гол. Мец е во голема борба за четвртото место на табелата кое носи пласман во четвртфиналето, затоа од големо значење ќе биде овој натпревар за нив. Вардар пак со победа ќе биде само на чекор до освојување на првото место по завршување на главната рунда.
Домашниот тим има дури четири играчи кои се наоѓаат во листата на ТОП-50 најдобри стрелци. Тоа се Ана Грос која е најефикасна во овој состав со 54 постигнати голови. Тука се и уште Деуна, Поп-Лазиќ и Лучијано кои и се најголемата опасност за Вардар. После Ѓер, екипата на Мец има најдобра одбрана во лигата на шампионите, која е една од главните одлики на шампионот на Франција. На натпреварот во Скопје, тие не изненадија со одбрана 3-2-1 кои ја играа долго време, што беше окарактеризирана како изненадување за нашиот напад на тој меч.
Денес повторно ќе неможеме да сметаме на Андреа Кликова, додека сите останати ракометарки се ставаат на располагање за натпреварот. Вардар е фаворит на овој натпревар и се надеваме дека со добра игра ќе стигне до нова победа во лигата на шампионите.