Friday ,29 March 2024
Последни:
Home > ЖРК Вардар > Втор тим > Жрк Вардар Јуниор “најпријатното“ изненадување и иднината на Македонскиот ракомет
Жрк Вардар Јуниор “најпријатното“ изненадување и иднината на Македонскиот ракомет

Жрк Вардар Јуниор “најпријатното“ изненадување и иднината на Македонскиот ракомет

Сигурно никој немаше да поверува дека вториот тим на Жрк Вардар после девет одиграни кола во најсилната супер лига ќе се наоѓа на чело на табелата. Тоа во моментот е реалност, бидејќи избраничките на Симе Симовски го заземаат првото место во супер-лигата со максимален број на освоени бодови, или вкупно 27 од девет одиграни мечеви. Екипата ги започна подготовките за новата сезона со неколку мали промени во играчкиот кадар. Тимот го засилија Сара Митова и Симона Стојановска кои дојдоа од првиот тим на овој клуб, како и Ања Велкова од младинската екипа на Металург. Клаудија Ѓеоргиевска е повторно во “строј“, откако ја пропушти минатата сезона поради повреда. Започнавме со тренинзи во Скопје, после што заминавме на подготовки кои се одвиваа на Копаоник. Таму го одигравме и првиот контролен меч, против екипата на Ниш.

Во Скопје продолживме со припремите и напорните тренинзи, пред стартот на новата сезона во најсилната супер лига. Тука одлично отворивме во првото коло против Прилеп, кој го победивме со повеќе од 30 голови разлика. Забележавме уште еден триумф против истов противник на гостински терен, како и по две победи во дуелите со екипите на Куманово и Овче Поле. Сепак најголемиот момент за овој млад тим на Вардар Јуниор се случи во петтото коло кога успеваме со цел плен да заминеме од гостувањето во Автокоманда против првиот тим на Металург. Иако домаќинот важеше за апсолутен фаворит на овој дерби меч, пред се поради домашната сала и публика, девојките на Симовски се надминаа себеси и на крајот го победија големиот противник со еден гол разлика.

Ова како да беше голем мотив и поттик за црвено-црните во периодот кој следуваше за нив, а тоа беа натпреварите во Челинџ купот. За разлика од минатата сезона кога бевме елиминирани уште во првата фаза, оваа сезона сигурно е дека ќе одиме многу подалеку. Анонимниот тим на Лондон Ејнџелс беше првата пречка за младите Вардарки во ова натпреварување. Без поголеми проблеми забележавме две убедливи победи и тоа двете во арената Јане Сандански. Следеше и ждрепка за 1/8 во Челинџ купот, каде за противник ја добивме екипата на Војводина Минаква. По договор на двата клуба, двата меча ќе бидат одиграни во Скопје.

Продолживме со настапите на домашна сцена, а таму ништо ново што се однесува до конечниот победник. Бевме подобри и во мечот со Пелистер, додека во осмото коло го “прегазивме“ Куманово со блиску дваесет голови разлика. Меѓу натпреварите во супер-лигата имавме можност на два контролни натпревари да ја угостиме екипата на ПАОК од Грција. Во двобојот со овој силен и квалитетен спаринг партнер, забележавме еден триумф и нерешен резултат. Овие натпревари ни послужија да ја одржиме добрата и победничка форма и на супериорен начин да го завршиме првиот дел од сезоната во супер-лигата. Екипата на Крајова беше последниот тим со кој одигравме натпревари и тоа од пријателски карактер. На двата меча, поискусните и позрели Романки забележаа победи. Сепак ваквите дуели ни беа потребни, пред следниот предизвик во 1/8 на европските натпреварувања. За десеттина дена не очекуваат средбите со Војводина Минаква. Да напоменеме дека голем дел од овие девојки се дел и од сениорската ракометна репрезентација, која ја предводи токму Симе Симовски. Овие ракометарки во иднина треба да го понесат товарот и во Македонската репрезентација за повторно да се вратиме на настапите на европските и светски првенства.

Ви ги презентираме сите резултати на Жрк Вардар Јуниор до овој период.

ЖЕНСКА СКОПСКО СУПЕРЛИГА (2015/2016)

1 коло: Вардар- Прилеп  41:10

2 коло: Куманово- Вардар 27:32

3 коло: Овче Поле- Вардар  20:26

4 коло: Вардар- Ѓорче  34:17

5 коло: Металург- Вардар  21:22

6 коло: Вардар- Пелистер  32:20

7 коло: Прилеп- Вардар  17:22

8 коло: Вардар- Куманово  44:25

9 коло: Вардар- Овче Поле  33:23

1/16 Челинџ куп:

Вардар- Лондон Ејнџелс  27:14

Вардар – Лондон Ејнџелс 35:17

Контролни натпревари:

Вардар- ПАОК 27:27

Вардар- ПАОК  31:25

Вардар- Крајова  19:25

Вардар- Крајова  24:33

Следните натпревари за Жрк Вардар Јуниор на програмата се на 16 и 17-ти јануари во рамките на 1/8 од Челинџ купот, против екипата на Војводина Минаква.

Ова се девојките кои го носат црвено-црниот дрес на Жрк Вардар Јуниор: Нина Ладева, Љупка Белмезова, Маја Трпковска, Марија Прленда, Теодора Керамичиева, Ангела Тодоровска, Клаудија Ѓеоргиевска, Сара Митова, Леонида Гичевска, Габриела Џини, Наташа Нолевска, Стефанија Мишевска, Ања Велкова, Ангела Петровска, Симона Стојановска, Сара Николовска, Николина Бојаџиска и Анита Трајчевска.

Звонко Ивановски