Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Како на тренинг, Вардар го победи Пелистер и се пласира во големото финале од купот на Македонија
Како на тренинг, Вардар го победи Пелистер и се пласира во големото финале од купот на Македонија

Како на тренинг, Вардар го победи Пелистер и се пласира во големото финале од купот на Македонија

Вадарци полесно од очекувањата успеаа да се пласираат во големото финале од купот на Македонија, откако попладнево во спортската сала “Младост“ во Битола ја победија екипата на Пелистер и на тој начин утре ќе се борат за трофејот во купот.Конечниот резултат гласеше 46:27.

Откако нашиот шампион не успеа да реализира два напади, екипата на Пелистер ги постигна првите два гола во ова полуфинале и поведе со 0:2. Сепак следеше без одговор на вардарци кои со два гола во серија на Македа го израмнија резултататот. До осмата минута од дуелот, домаќинот на овој завршен турнир имаше водство, но избраниците на Гонзалез за бргу го фатија потребниот ритам и го превзедоа водството. Откако со два погодоци на Чупиќ го израмнивме резултатот на 4:4, последната предност тимот од Битола го имаше при резултат 4:5. Од тие моменти, Вардар направи серија од 6:1 и со голот на Недановски во 19 минута стигнавме до предност од највисоки четири голови разлика (10:6). Во овој период по два гола постигна Македа и Кањелас, додека еден беше дело на Недановски. Пелистер ја прекина серијата преку пикерот и нивниот највозрасен играч, Димитровски кој го намали резултатот на 10:7. На голот, Страхиња Милиќ имаше пет одбрани, исто толку и за Рајчиќ на спротивната страна. Иако битолчани се обидуваа да дадат отпор и да одржуваат резултатска неизвесност, тешко им успеваше тоа, а Стоилов со својот прв гол повторно донесе четири гола предност за својот тим. Најубавиот момент во првото полувреме се случи во 25 минута, кога цепелин направија Карачиќ и Македа, кој во реализација го претвори шпанецот, за зголемување на резултатот на 15:9. Откако Мичиќ стигна до нова одбрана, Вардар направи контра-напад, кој успешно го реализиравме преку Абутовиќ, за кој ова беше прв гол на денешниот меч. До крајот на првиот дел само го зголемивме водството, за по истекот на првите 30 минути со погодокот на Чупиќ да имаме највисоки осум голови разлика (20:12).

Циндриќ не успеа да го реализира првиот напад, откако имаше зицер позиција но одбрани противничкиот голмнан.Откако Пелистер постигна два гола во серија, вратија Марсениќ, Циндриќ и Чупиќ за највисока предност од 23:14. По седум минути игра имавме и двоцифрена предност од 25:15, па полека можевме да го славиме пласманот во големото финале на купот. Следиме гол шоу на Марсениќ кој во вториот дел стигна до четири голови од исто толку обиди, кој зголеми на 27:15. Во игра во второто полувреме го видовме и Тимур Дибиров кој со својата препознатлива мајсторија го постигна својот прв гол, за предност на шампионот од 29:17, на теренот беа и Поповски, Борозан и Кристопанс. Натпреварот прерасна во рутина за вардарци, кои постојано ја зголемуваа разликата, додека во листата на стрелци се запиша и Поповски кој успеа да го совлада поранешниот голман на Вардар Јуниор, се работи за Јагош Брауновиќ. До прва одбрана стигна и младиот Ѓорѓески, кој го замени Милиќ на голот, кој имаше двоцифрен бој на одбранети топки, додека Циндриќ донесе и највисоки 44:25. Конечниот резултат е 46:27. Македа и Марсениќ најефикасни со по 8 голови, додека Циндриќ,Чупиќ и Поповски додадоа по 5 голови.

Вардар вечерва ќе го дознае својот противник во големото финале, откако треба да се одигра и второто полуфинале, помеѓу екипите на Еурофарм Работник и Металург. Големото финале е закажано за утрешниот ден, кое својот старт ќе го има од 16:30 часот.