Денес на терените на ФФМ, осмото коло во детската лига го одигра генерацијата на ФК Вардар родени “2010“ година. Тие забележаа две победи, во дуелите со екипите на Скупи и Шкупи.
Најпрво на теренот излегоа екипите на Вардар (1) и Скупи. Овој дуел го добивме со резултат 5:1 и тоа со резултатски пресврт откако прв во водство дојде противничкиот тим. Првите два удари кон голот на Скупи ги имаше Марко Јовановски, во првиот шутира покрај гол, додека вториот успешно го одбрани голманот на Скупи. Се закани и противникот, но успешно одбрани нашиот голман. Гледавме интересен натпревар со шанси, но резултатот се уште беше оној почетниот. Вардарци беа поактивни на теренот и беа поблиску до отварање на резултатот. Се обиде и Стефан Ристиќ, но повторно одбрани голманот на Скупи, додека во шанса се најде и Константин Трајков кој бие покрај голот. Во првиот дел промашивме и пенал, откако не успеа да реализира Далибор Марковиќ.
На самиот старт на вториот дел, екипата на Скупи постигна гол и успеа да поведе со 0:1. Оваа негатива не ги обезхрабри црвено-црните, кои се препородија после примениот гол и докажаа дека се поквалитетната екипа. Од прекин удар упати Јовановски, кој го одбрани голманот, како и Чедевски кој се најде во прилика, но голманот му влезе во ударот и спречи погодок. Не можеше вечно да се врани тимот на Скупи, а само за три минути и тоа со три голови во противничката мрежа, избраниците на Зоран Петковски направија целосен пресврт. Најпрво Стефан Ристиќ успеа да го израмни резултатот на 1:1, за во следните две акции да постигнеме уште два нови голови.
Огнен Сивевски погоди за резултатски пресврт од 2:1, додека Далибор Марковиќ со својот прв гол го зголеми резултатот на 3:1. До крајот на мечот играше само една екипа на теренот, тоа беше Вардар кај кој се виде желбата да го победи противникот. Уште еден обид имаше Марковиќ, кој остана без реализизација. Во листата на стрелци се запиша и Марко Јовановски, кој му донесе предност на Вардар од 4:1, додека конечните 5:1 на овој дуел беа дело на Далибор Марковиќ, за кој ова беше втор гол на дуелот.
Победа и за Вардар (2) во дуелот со екипата на Шкупи, на овој меч триумфиравме со резултат 6:1. По првото полувреме имавме предност од 2:0 и тоа со двата гола на Лука Пацески. Најпрво Пацески погоди од прекин за 1:0. додека вториот гол го постигна од игра, откако од само еден метар ја смести топката во мрежата, за водство од 2:0.
До крајот на првото полувреме имавме шанси и преку Петар Васоски кој ја погоди стативата, како и до два наврати на Благојче Седлоски, кој најпрво бие над голот, додека во вториот обид одбрани голманот на Шкупи. Се закани и тимот од Чаир, од прекин кој биеше, но одбрани нашиот голман.
Подобра игра и на Вардар во вториот дел, кога постигнавме уште четири нови голови. Во овој дел од дуелот два гола постигна Петар Васоски, додека по еден беа дело на Благојче Седлоски и Лука Михајловски.